ЕУ вести

Среда, 25 јануари 2012 година

Поддршка од европратениците за датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ

Да се определи датум за почеток на пристапни преговори со Република Македонија за членство во Европската унија, се бара во Резолуцијата која вчера ја усвои Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Во неа се нагласува потребата да се продолжи напред со интегрирањето во Европа и усогласувањето со ЕУ законодавството.

Европратениците го повторуваат своето жалење што спорот со името и понатаму го блокира патот на Република Македонија кон членство во ЕУ. Тие потенцираат дека добрососедските односи се клучни за процесот на проширување на Унијата и истакнуваат дека треба да се избегнуваат контроверзни активности.

Се изразува загриженост за концентрацијата на сопственоста на медиумите, како и за независноста и непристрасноста на Државната комисија за сузбивање на корупцијата. Во Резолуцијата, исто така, меѓу другото, се посочува дека децата од различни етнички групи се одвоени во рамките на образовниот систем.

Членовите на Европарламентот гласаа и за уште една Резолуција која се однесува на Косово и во која се повикуваат петте земји-членки на ЕУ кои сè уште не ја признале неговата независност, да го сторат тоа што веќе го направиле 85 други земји, а е од огромно значење за стабилноста и безбедноста на регионот.

На Косово му се препорачува да го реши прашањето со бегалците и внатрешно раселените лица, корупцијата и нестабилната ситуација во северниот дел.

Двете Резолуции, едната за напредокот на Република Македонија и другата за процесот на европската интеграција на Косово, ќе бидат поднесени за гласање на седниците на Европскиот парламент во март.
Click