ЕУ вести



Четврток, 6 септември 2012 година

Време е Европа да осигури писменост за сите!

Секој петти петнаесетгодишник, како и речиси 75 милиони возрасни во рамките на Европската унија, не располагаат со основни вештини за читање и пишување, што им го отежнува наоѓањето работа и ги изложува на поголем ризик од сиромаштија и социјална исклученост – велат поразителните податоци во извештајот за писменоста, изготвен од посебна експертска група.

Извештајот содржи 80 страници, на кои се даваат низа препораки -  од совети за родителите како да ги развијат навиките на децата за читање од задоволство, па сè до отворање на библиотеки на невообичаени места, како на пример во трговските центри.

Во него се содржани и конкретни препораки за различни возрасни групи, со акцент на неопходноста од бесплатно висококвалитетно образование и грижа во раната фаза на детското образование за сите деца, повеќе учители специјализирани за читање во основните училишта, како и менување на перцепцијата во однос на дислексијата.

Исто така, се укажува на потребата од повеќе машки учители, кои ќе им бидат пример на момчињата, со оглед на тоа што тие читаат далеку помалку од девојчињата.

При тоа се нагласува дека речиси секое дете може да научи да чита, доколку му се укаже соодветна помош. Исто така, се потенцира и потребата од разнообразни можности за учење за возрасните, посебно на работното место.

„Писменоста е предуслов за самодоверба на луѓето и способност да живеат и потполно да се развиваат во општеството како личности, активни граѓани, работници или родители. Неопходни ни се јасни и координирани национални стратегии и многу поголема свесност во Европа, не само во политичките и образовните кругови, туку и во болниците, на работните места и посебно во семејствата“, истакна претседателот на експертската група, нејзиното кралско височество, принцезата Лорентин од Холандија.

Извештајот содржи примери за успешни проекти во областа на писменоста во европските земји, како и конкретни примери на поединци кои ја совладале неписменоста и на тој начин си го промениле својот живот.

Целосно извештајот ја потенцира важноста на писменоста, а заклучокот е дека е време Европа да осигури писменост за сите!

Click