Собраниско раководство



Среда, 10 октомври 2012 година

Обраќање на пpетседателот Вељаноски на свечена академија по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание

Почитуван претседател на Република Македонија г. Ѓорге Иванов,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски,
Почитуван претседател на Здружението на борците од НОБ, г. Тодор Атанасовски,
Почитувани учесници во Народноослободителната војна,
Почитувани пратеници, министри, претставници на верските заедници, Ваши екселенции,  дами и господа,

Чествувајќи го денешниот ден, како празник на нашата нација и држава, уште еднаш го исполнуваме аманетот со крв испишан од МАКЕДОНСКИТЕ ПАРТИЗАНИ!
Славејќи ја нивната жртва за каузата за слободна и независна Македонија, уште еднаш потврдуваме дека нашиот народ има сила да чекори кон вечноста!
Нема поголем доказ дека срцето на Македонија чука посилно од кога и да е, кога можеме гордо, во слобода, да се сетиме на заветот на младите борци срочен во синтагмата: „СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!“.
Зборови кои упатија недвосмислена порака до сите чии очи беа вперени кон Македонија
.

Сигурен и непоколеблив знак дека судбините на Македонија и на македонскиот народ се нераздвојни.

Ваквиот цврст став на нашите борци е клучот за опстанокот и надминувањето на сите обиди за згаснување на македонскиот национален идентитет.

Херојската и безрезервна борба за основни права и светла иднина не познава никакви граници.

Почитувани борци,

МАКЕДОНИЈА СЕ ПОКЛОНУВА НА ВАШЕТО ДЕЛО!
ЗАТОА, САКАМ ОД ОВА МЕСТО ДА ПОДВЛЕЧАМ ДЕКА СИМБОЛИКАТА НА 11 ОКТОМВРИ Е ОГРОМНА.

Тоа е денот кога беше извојувана една од последните големи историски битки на народот на Македонија на патот кон светла иднина.

Овој ден го означува почетокот на конечната борба за слобода на Македонија.
Партизаните верувајќи во своите цели, посветено се изборија за слободна и независна Македонија.
Слободата на Македонија за нив претставувала и сеуште претставува света мисија достојна за најголема жртва.
Заложбите и посветеноста на оваа идеја најдобро се гледаат преку нивните бројни дела.
Заветот, да не се запре додека секој македонски град и секое македонско село не биде ослободено од душманите на нашиот народ, е најголем доказ за љубовта кон Татковината!

САМО СИНОВИТЕ И ЌЕРКИТЕ НА МАКЕДОНИЈА МОЖАТ ДА ИСТРААТ ТОГАШ КОГА Е ТЕШКО!
САМО ТИЕ МОЖАТ ДА ДАДАТ СЕ ОД СЕБЕ, БИДЕЈЌИ СТАНУВА ЗБОР ЗА НИВНИТЕ ДОМОВИ И СЕМЕЈСТВА, ЗА НИВНАТА ЗЕМЈА!
ИСТОВРЕМЕНО БРАТСКИОТ ОДНОС КОН СИТЕ ОНИЕ КОИ НЕ И’ МИСЛАТ ЛОШО НА МАКЕДОНИЈА И НА МАКЕДОНЦИТЕ Е ДОКАЗ ЗА НЕИЗМЕРНАТА ГОЛЕМИНА И ЧОВЕЧНОСТ .

Во време кога човечкиот род како никогаш дотогаш се подели, членовите на народноослободителното движење војуваа за правата и слободите на сите братските народи.
Ваквиот однос кон различните од себе е есенцијата на македонскиот дух и денес.
Нашиот народ е добро познат по подавањето рака на оние на кои таа им е потребна, нешто што е запишано и во историјата.

Да се биде праведен е една од најголемите доблести на човечкиот род!
Злото и омразата никогаш не му донеле добро на оној чие срце го исполниле.
Тие претставуваат товар кој не ѝ дава на душата да биде слободна.
Впрочем, внатрешниот спокој и мирот кој доаѓа од искреноста пред себе и пред Бога се незаменливи.

Без оглед на потешкотиите на кои се наидува во животот, никогаш не смее да се заборави дека ничија среќа не смее да биде изградена на сметка на среќата на некој друг.
Таквиот принцип е огледало на вредностите за кои се залагаат и партизаните.

ЕДНАКВОСТ НА НАРОДИТЕ!
ИСТИ ПРАВА И СЛОБОДИ ЗА СИТЕ ЛУЃЕ!
ПОДЕДНАКОВ ТРЕТМАН НА СИТЕ БЕЗ ОГЛЕД НА НИВНАТА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ ИЛИ ВЕРА!

Драги пријатели,

АСНОМ беше врвот на Народноослободителната борба.
Неговиот најцврст темел беше токму 11 октомври.
Овој ден ја означи зората на македонската борба.
На овој ден најсилно беа потврдени принципите по кои истата се водеше.

БОРБАТА ЗА СЛОБОДА,
НАЦИОНАЛНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ,
СОЦИЈАЛНАТА ПРАВДА ЗА СИТЕ КОИ САКААТ ДА ЖИВЕАТ БРАТСКИ ВО ОВАА ЗЕМЈА,
И НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ ЗЛОТО КОЕ ГО НОСИ ВОЈНАТА, А ДА СЕ ОДРЖУВА МИРОТ И ПРОСПЕРИТЕТОТ НА НАРОДИТЕ!

Во модерна Македонија, совршено јасно се отсликуваат вредностите кои ги имаат втемелено народноослободителната војна.
Денес ние живееме токму по начинот за  кој тие се залагале.
Македонскиот народ живее во мир со сите народи кои ги почитуваат принципите на братство, еднаквост и солидарност.
Заемната почит е темел за добри односи и добар соживот.
Тоа се вредности кои ние никогаш нема да ги напуштиме и кои се длабоко вткаени во нашата историја.

СИТЕ ЗАЕДНО ДЕНЕС СО ГОРДОСТ СЕ СЕЌАВАМЕ НА ГОЛЕМИОТ УСПЕХ НА ТОЈ СУДЕН ДЕН - 11 ОКТОМВРИ.

Дами и господа,

За прв пат во поновата историја, Македонците имаат своја држава и своите намери најјасно ги истакнуваат преку желбата за мир и изземањето од сите воени дејствија кои ја опустошуваа дотогаш заедничката држава.
Ваквата определба на нашиот народ е доволен доказ за мирољубивоста на Македонија.
Впрочем оние кои знаат што значи да се војува, да се губат блиските, да се одземе туѓ живот знаат дека војната е последната опција.

Мудроста која нашиот народ ја стекнал низ вековите говори дека по оружје се посегнува само тогаш кога нема друг излез.
Ние знаеме дека цивилизираните и просветлени нации секогаш разликите ги решаваат на маса, а не на бојното поле.

Ваквата посветеност на мирот е одлика на целата наша нација, на македонскиот народ и сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија. Таа посветеност и денес се искажува преку инволвираноста во светската борба за еднакви права и слободи за сите народи.

Македонија дејствувајќи врз база на своите принципи и водејќи се од идеологијата на партизаните секогаш ќе биде на страната на правдата и слободата.

Ние веруваме во еднаквост и слобода на секое човечко суштество.

Тие наши идеали се поклопуваат со оние на НАТО-алијансата, што е и главната причина за успешното пријателство и сојузништво со земјите-членки на оваа организација.

Ние секогаш ќе се придржуваме до овие принципи, иако не секогаш со исто ни е возвратено.
Истото се однесува и на нашиот однос кон Унијата на европските земји.

Тој идеал за еднаквост и здружување на европските народи, наспроти крвавата вековна историја на овој стар континент, мора да опстои и да ги надмине сите потешкотии со кои се соочува.

Ништо на овој свет не е совршено, ниту пак нешто е лесно. Но со истрајност, принципиелност и солидарност, верувам дека овој благороден проект кој стави крај на вековни судири и бескрајно крвопролевање, не само што може, туку и мора да биде успешен.

Потребно е многу да се работи на негово усовршување и демократизирање.

Република Македонија, како и во минатото, така и во иднина, ќе остане посветена на евроинтегративните процеси.

ДЕНЕС ОБЈАВЕНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА НАПРЕДОКОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е НАЈСИЛНАТА И НАЈДОБРАТА ПОТВРДА ЗА ОВА ШТО ГО ГОВОРАМ!

Македонија искрено и посветено работи на остварување на оваа благородна идеја!

ПРИЗНАНИЕТО ОД СТРАНА НА УНИЈАТА, ПРЕКУ ЧИСТОТО ДОСИЕ НА МАКЕДОНИЈА Е СИЛЕН СИГНАЛ ЗА ИСПРАВНИОТ ПАТ ПО КОЈ ЧЕКОРИМЕ!
РЕФОРМИТЕ И МОДЕРНИЗАЦИЈАТА НЕМААТ АЛТЕРНАТИВА!
НАЈДОБРИОТ РЕЦЕПТ ЗА ТОА Е ТОКМУ ЕВРОПСКАТА УНИЈА!

Да продолжиме, како оваа, така и сите идни години, да работиме на нашата европска приказна.
Мораме да продолжиме да се залагаме со сета сила и знаење.
Мораме да дадеме сè од себе!

ДЕНЕШНАТА ВАЛОРИЗАЦИЈА ОД СТРАНА НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА НАШИТЕ ЗАЛАГАЊА, НЕКА БИДАТ ДОПОЛНИТЕЛЕН СТИМУЛ ЗА СИТЕ НАС ДА НАПРАВИМЕ УШТЕ ПОВЕЌЕ ВО ПЕРИОДОТ ШТО СЛЕДУВА!

Почитувани дами и господа,

За крај дозволете уште еднаш да се навратам токму на нив - на борците за нашата сегашност.

Освен на големите војсководци за кои често си спомнуваме, на овој ден сакам да им се поклониме и на безбројните анонимни херои на македонската борба за слобода и независност.

Имињата на Методија Андонов-Ченто, на Михајло Апостолски, на Кузман Јосифовски-Питу, на Стив Наумов, на Јосиф Јосифовски, на Коста Солев-Рацин, на Христијан Тодоровски-Карпош, како и ним еднаквите - ВЕЧНО ЌЕ БИДАТ ВРЕЖАНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД.

Меѓутоа, освен на нив, на овој ден, мораме да си споменеме и на оние без кои големите револуционери не би можеле да ја водат битката за Македонија!
Мажите, жените, па дури и децата, кои со својот придонес ја поддржале македонската борба за права и еднаквост со останатите народи, со кои рамо до рамо се боревме во антифашистичката војна.

Драги пријатели,

ЈА СОЗДАДОВМЕ НАШАТА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА И ТАА Е ПОСИЛНА ОД КОГА И ДА Е!

Сите вие, и покрај угнетувањата, заплашувањата и измачувањата нанесени од непријателите, не само на Македонија, туку и на човештвото, денес стоите тука како Македонци.
Луѓе со свој идентитет, со своја култура говорат за вековното постоење на еден голем и славен народ.

КОГА НА БЛИЖНИОТ НАШ  ИЛИ НА ЗЕМЈАТА НАША ЌЕ И ТРЕБА ПОМОШ И ПОДДРШКА, ДА СЕ ПРИСЕТИМЕ НА ОВИЕ ЖРТВИ ВО ВРЕМИЊА ДАЛЕКУ ПОТЕШКИ ОД ДЕНЕШНИВЕ.

НЕКА ОВИЕ ПРИМЕРИ НЕ ВОДАТ НИЗ ЖИВОТОТ И НЕКА НЕ ИЗВЕДАТ НА ПАТОТ КОН ДОБРИНАТА И ПРАВЕДНОСТА.
ДА СЕ СЕТИМЕ НА СИТЕ ОНИЕ КОИ НЕ ПРАШУВАЛЕ ЗА ЦЕНА, ЗА РИЗИК ИЛИ ЗА СМРТ.
ЛУЃЕ ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО, КАКО  СИТЕ НАС, КОИ ДАЛЕ СЕ ШТО МОЖЕЛЕ ЗА ПОДОБРО УТРЕ ЗА МАКЕДОНИЈА И ЗА СВОИТЕ СОНАРОДНИЦИ.

ЗАТОА, НА ОВОЈ ДЕН, ИМ ИЗРАЗУВАМЕ ПОЧИТ И СЕ ПОКЛОНУВАМЕ ПРЕД НИВНИТЕ ДЕЛА, КОИ ЈА ОВОЗМОЖИЈА ИДНИНАТА КОЈА НИЕ ЈА ЖИВЕЕМЕ, А ЗА КОЈА ТИЕ СОНУВАА.

НА ЗНАЈНИТЕ И НЕЗНАЈНИТЕ ХЕРОИ ОД ЕПСКАТА ЕРА НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНО ОСЛОБОДИТЕЛНА БОРБА - СЛАВА ИМ!

НЕКА Е ВЕЧНА И ОД БОГА БЛАГОСЛОВЕНА НАШАТА ТАТКОВИНА – РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

БЛАГОДАРАМ!

Click