Собраниско раководство



Четврток, 19 декември 2013 година

Претседателот Вељаноски го прими новоименуваниот амбасадор на Република Србија во Република Македонија, г-ѓа Душанка Дивјак-Томиќ

Двајцата соговорници изразија задоволство за средбата и притоа претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, посака успешна работа во мандатот на новоименуваниот амбасадор на Република Србија, г-ѓа Душанка Дивјак-Томиќ.

Претседателот Вељаноски, на средбата, истакна дека Република Македонија и Република Србија имаат одлична билатерална соработка и интензитет на остварени средби, но дека е потребно да се зголеми и економската соработка.

Двајцата соговорници, исто така, се согласија дека е потребна поголема парламентарна соработка, не само на ниво на претседатели на парламенти, туку и на ниво на пратенички групи за соработка, како и соработка на ниво на парламентарни комисии.

Соговорниците оценија дека заедничката седница на Владата на Република Србија и Владата на Република Македонија е уште еден показател за добрососедство меѓу двете земји.

На средбата се разговараше и за предизвиците со кои се соочуваат двете држави во однос на интеграцијата во Европската унија.

Исто така, стана збор и за спорот меѓу црквите во Македонија и Србија. Претседателот Вељаноски и амбасадорот Дивјак-Томиќ изразија согласност дека преку дијалог може да се надмине ова прашање.

На крајот, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието за соработка и отвореноста за непосредна и континуирана комуникација со Амбасадата на Република Србија во Република Македонија.


 

Click