Собраниско раководство



Среда, 13 февруари 2013 година

Средба на претседателот Вељаноски со Делегацијата на европратеници, претставници на Европската народна партија, предводена од потпретседателот, г-ѓа Корин Вортман Коол

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски им посака добредојде на претставниците на Европската народна партија и ги информираше за општата политичко-економска состојба во Република Македонија.

Во однос на Собранието на Република Македонија, претседателот Вељаноски истакна дека е фокусирано на повеќе прашања, но најзначајни се процесот на евроатлантска интеграција, како и доследна имплементација на донесените закони и реформи.

Претседателот Вељаноски истакна дека три години по ред Република Македонија добива препорака од Европската комисија за започнување на преговорите со Европската унија.

Тој потенцираше дека Република Македонија ќе ги вложи сите напори за остварување на стратешките определби, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО и разрешувањето на спорот со нашиот јужен сосед.

Во оваа прилика, претседателот Вељаноски упати апел до претставниците на Европската народна партија да делуваат во своите можности за што поскоро интегрирање на Република Македонија.

Претседателот Вељаноски, исто така, на средбата ги запозна претставниците на Европската народна партија со случувањата на крајот на минатата година, како и со околностите и настаните кои им претходеа на овие настани. Тој напомена дека во неговиот петгодишен мандат опозицијата трипати ја бојкотира работата на Собранието на Република Македонија.

Изразувајќи благодарност и задоволство за посетата на Република Македонија, г-ѓа Корин Вортман Коол истакна дека во однос на постигнати реформи има напредок и дека Република Македонија треба да ја добие поддршката од сите членки на Европската унија.

Таа, исто така, истакна дека гледа позитивно на вклученоста на младите во сите општествени текови во државата и изрази желба за што поскорешно решавање на билатералниот спор за името меѓу двете земји, со што ќе се отвори патот за влегување на Република Македонија во европското семејство.

Click