Собраниско раководство



Вторник, 5 март 2013 година, Индија

Средба на претседателот Вељаноски со г. Мохамад Хамид Ансари и г-ѓа Принит Кор

Во рамките на тридневната официјална посета на Индија, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со потпретседателот на Индија, г. Мохамад Хамид Ансари, кој воедно е и претседател на Горниот дом на индискиот Парламент (Раџа Саба). На средбата со свои прашања, коментари и препораки учествуваа и 12 сенатори на Горниот дом на Индискиот парламент.

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски искажа особено задоволство што ја предводи првата официјална делегација на највисоко државно ниво во Индија и што гостопримството на домаќинот е на особено високо ниво. Тој потенцираше дека односите меѓу Република Македонија и Индија се развиваат во нагорна линија, во дух на пријателство, разбирање и заемно почитување.

Во насока на унапредување на пријателските односи, г. Вељаноски нагласи дека Република Македонија дава целосна поддршка за членството на Индија во меѓународните институции и конкретно поддршка на кандидатурата на Индија за членка на Советот за безбедност на ОН.

Во однос на економската соработка, двајцата говорници искажаа желба за нејзино унапредување и интензивирање.

Претседателот Вељаноски го поздрави принципиелниот став на Индија во однос на користењето на уставното име во билатералната комуникација, со надеж дека наскоро ќе дојде и до официјално признавање на Република Македонија под уставното име.

Во однос на парламентарната соработка, тој истакна дека е потребно нејзино интензивирање преку заемни посети на парламентарни делегации.

Огромно задоволство од денешната средба искажа и потпретседателот на Индија, г. Мохамад Хамид Ансари, истакнувајќи го големото значење од оваа прва посета на највисоко државно ниво.

Од страна на сенаторите беа поставени повеќе прашања поврзани со развојот на економската соработка и инвестициите, културната соработка, учеството на жените во парламентот и на локално ниво и други сфери од заемен интерес.

Беше апострофирано и значењето на големото мисионерско дело на Мајка Тереза како сврзивно ткиво кое ги поврзува двете пријателски држави.

Во дебатата со сенаторите, претставници на различни делови на Индија, која се отвори по наведените теми, активно учествуваа пратениците: г-ѓа Силвана Бонева и г-ѓа Ермира Мехмети. 

Делегацијата предводена од претседателот Вељаноски, попладнето оствари средба со државниот министер за надворешни работи, г-ѓа Принит Кор, која изрази особено задоволство што во Индија доаѓа делегација на највисоко државно ниво после нејзината неодамнешна посета на Република Македонија.

На средбата стана збор за меѓусебната соработка и поддршка на меѓународно ниво, особено во Обединетите нации.

Државната министерка Принит изрази особен интерес за меѓусебната економска соработка и за инвестициите кои можат да се очекуваат во наредниот период, за застапеноста на жените во политиката.

Претседателот Вељаноски се осврна на текот на евроинтегративните процеси низ кои минува Република Македонија, а во продолжение го потенцираше сè поголемото значење на парламентарната дипломатија во градењето на меѓународните односи, како и значењето на билатералната економска соработка меѓу двете држави со оглед на динамиката на индискиот економски растеж и големината и значењето на Индија и во светски рамки и како стратешки партнер и на ЕУ.

Собраниската делегација предводена од претседателот Вељаноски положи венец во Меморијалниот центар на Махатма Ганди.

Click