Собраниско раководство



Вторник, 26 март 2013 година
 
Претседателот Вељаноски ја прими Делегацијата на Државната Дума на Руската Федерација
 
На почетокот на средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во однос на билатералните односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација, го истакна нивниот континуитет и позитивниот развоен тренд. Во однос на парламентарната соработка, истакна дека во Собранието на Република Македонија постои пратеничка група за пријателство и соработка чиј претседател е пратеникот Иван Стоиљковиќ и искажа уверување дека од денешната средба ќе започне продлабочување и подинамична соработка на ова парламентарно ниво.

Претседателот Вељаноски искажа благодарност за безусловната поддршка на уставното име, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија што ја добива од страна на Руската Федерација во континуитет.

Во однос на економската соработка, Руската Федерација е значаен трговски партнер и во континуитет е во првите 10 земји со кои Република Македонија има најголем обем на трговска размена. Во таа насока искажа уверување за поскора реализација и на другите инвестиции од руски компании, како и интензивирање и проширување и на туристичката соработка.

Што се однесува до евроатлантските интегративни процеси, претседателот Вељаноски изрази благодарност што Руската Федерација ја почитува одлуката на Република Македонија за интеграција во НАТО, како суверена одлука на државата. Воедно, изрази и благодарност за принципиелните ставови на Руската Федерација во спорот за разликите со Грција во врска со уставното име на нашата земја.

Господин Александар Балберов, шеф на Делегацијата, се заблагодари на денешната средба, потенцирајќи дека 20. години дипломатски односи кои се заокружуваат во јануари 2014 година, се доказ за искрениот пријателски однос меѓу двете држави.

Воедно, тој уште еднаш ја повтори поддршката на Република Македонија во однос на спорот за името со Грција, потенцирајќи дека политиката за овој проблем ја определува народот и решението е во него.

Во однос на економската соработка, искажа уверување дека руските компании и во иднина ќе продолжат со соработката со Република Македонија, благодарејќи на добрата економска клима. 

На крајот, двете страни искажаа уверување дека во иднина билатералните односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација ќе го задржат високиот степен на пријателство и разбирање и ќе продолжат да се развиваат на најдобар начин.

Click