ЕУ вести

Петок, 8 март 2013 година

Меѓународен ден на жената

Мора да се работи на спречување на сите форми на насилство врз жените и девојчињата и да се забрза напредокот кон родова еднаквост – истакна високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија, г-ѓа Кетрин Ештон, по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

„Жените низ целиот свет се стремат да ја креираат иднината на нивните земји, општества и семејства и да се борат за граѓански, политички, економски, социјални и културни права, ослободени од страв и насилство. Секаде каде што патувам, се среќавам со храбри жени кои се борат за еднаква улога во демократската иднина на нивните земји. Тие се инспирација за мене, за жените во Европската унија и жените низ целиот свет“, истакна г-ѓа Кетрин Ештон.

Во светот денеска до 50% од сексуалните напади се извршени врз девојки на возраст под 16 години, 603 милиони жени живеат во земји каде семејното насилство сe уште не се смета за кривично дело, врз 70% од жените во светот е извршено физичко или сексуално насилство во одреден момент од нивниот живот, а над 60 милиони девојчиња во светот се деца невести, односно стапиле во брак пред 18 години.

Токму поради овие застрашувачки податоци, меѓународната заедница е цврсто определена да ја смени состојбата на жените.

Од 4 до 15 март во Њујорк се одржува 57. заседание на Комисијата на ОН за статусот на жените, под мотото „Ветување е ветување“, време е за крај на насилството врз жените и девојчињата.

„Постои една универзална вистина, применлива за сите земји, култури и заедници: насилството врз жените е неприфатливо, непростливо, нетолерирачко" – изјави генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, кој ги повика сите влади, граѓанското општество, организациите на жените, мажите, младите, приватниот сектор, медиумите и целиот систем на ОН, да ги здружат силите во решавањето на оваа глобална пандемија..

Инаку, првиот ден на жената е одбележан во САД во 1909 година. Денес, 8 Март е ден кој се празнува секоја година, денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

 

 

 
Click