ЕУ вести



Понеделник, 20 мај 2013 година

Пленарна седница на Европскиот парламент

Од 20 до 23 мај, Европскиот парламент одржува пленарна седница во Стразбур, за време на која, ќе се дебатира (22 мај) и гласа (23 мај) по Извештајот за напредокот на Република Македонија во 2012 година, изготвен од известителот за нашата земја, европратеникот Ричард Ховит.

Европратениците имаат можност до вечер да предлагаат амандмани по предложениот текст, во кој се повикува Ирското претседателство со Советот на ЕУ да спроведе интензивна дипломатија за да се постигне задоволувачки исход и одлука за почеток на преговори со Република Македонија пред крајот на јуни 2013 година.

Покрај за нашата земја, во текот на истите денови ќе се гласа и по Извештајот за напредокот на Босна и Херцеговина.

На седницата утре, ќе се одржи гласање по две Нацрт-резолуции за слободата на медиумите во земјите-членки на ЕУ, ќе се покрене акција против даночните измами и ќе се дебатира за ЕУ механизмот за банкарската супервизија.

Исто така, ќе се гласа и по Предлог-одлуката во врска со датумот за европски избори следната година, со која тие би се одржувале од 22 до 25 мај, наместо во терминот 5-8 јуни, како би му се овозможило повеќе време на новиот парламент да се подготви за изборот на претседател на Европската комисија во јули 2014 година.

В среда европскиот законодавен дом ќе расправа за трговското партнерство со САД, но и за заштитата на жртвите на насилство при престој во друга земја-членка на ЕУ.

Последниот ден од седницата, на дневен ред ќе се најдат домашните миленици, односно ќе се гласа за полесен прекуграничен транспорт на истите.

Европратениците ќе дебатираат и за построги правила за заштита на животната средина, за сириските бегалци во соседните земји, за работните услови во Бангладеш, човековите права и демократијата, итн.

 

Click