ЕУ вести



Понеделник, 10 јуни 2013 година

Пленарна седница на европскиот законодавен дом

Европскиот парламент, од 10 до 13 јуни, во Стразбур, ќе одржи пленарна седница, на која, меѓу другото, ќе се гласа за одредени шенген реформи во врска со нелегалните гранични проверки. Исто така, ќе се гласа за воведување на заеднички европски систем за справување со азилот, со оглед на бројката од 330.000 баратели на азил, кои биле регистрирани во земјите од Европската унија во 2012 година.

Утре, формално обраќање пред Европскиот парламент, ќе има словенечкиот претседател, г. Борут Пахор, кој ќе се фокусира на моменталната состојба во Словенија и пристапувањето на соседната земја, Република Хрватска, како 28. членка на ЕУ.

Еден ден подоцна, свое обраќање ќе има и португалскиот претседател, г. Анибал Кавако Силва, кој ќе говори за искуството на Португалија со програмата за финансиски спас и нејзините односи со Унијата.

Ќе се одржи и дебата меѓу европратениците и шефот за надворешна политика на ЕУ, г-ѓа Кетрин Ештон, во врска со актуелните немири во Турција, вклучувајќи ги и човековите права, демократијата и слободата на медиумите.

В среда, Европарламентот ќе гласа и за буџетот на Фондот за европска помош за најсиромашните за периодот 2014-2020, со цел да се задоволат нивните основни потреби.

Истиот ден, европарламентарците ќе гласаат и по Резолуцијата за невработеноста кај младите, со цел да се поттикне раст и создавање на повеќе работни места.

 

 

Click