ЕУ вести



Понеделник, 14 октомври 2013 година

„Сахаров“ награда за 16-годишната Малала Јусафа

Шеснаесет годишната Малала Јусафа, пакестински борец за образование на жените, е годинешниот добитник на наградата „Сахаров“ за слобода на мислата, која ја доделува Европскиот парламент.

„Со доделувањето на наградата ‘Сахаров’ на Малала Јусафа, Европскиот парламент ја признава неверојатната сила на оваа млада жена. Малала храбро се залага за правото на сите деца за еднакво образование. Би сакал да се потсетиме дека околу 250 милиони девојчиња во светот не можат слободно да одат во училиште. Малала нè потсетува на нашата должност и одговорност за правото на образование на децата. Тоа е најдобрата инвестиција за иднината“, истакна претседателот на Европарламентот, г. Мартин Шулц.

Малала Јусафа е од Долината Сват во Пакистан, каде што со талибанскиот режим им е забрането на девојките да посетуваат училиште. Својот прв јавен говор го имала во септември 2008 година, на само 11-годишна возраст, под наслов: „Како се осмелуваат Талибанците да ми го одземат моето основно право на образование?". Кога сите женски училишта под контрола на Талибанците биле затворени во јануари 2009 година, Малала под псевдонимот Ѓул Макаи отворила свој блог на „Би-Би-Си Урду“. Веднаш откако нејзиниот идентитет бил откриен, следувале закани кон нејзиното семејство, а во октомври 2012 година и обид за атентат од страна на талибански вооружени лица, кога Малала била застрелана во главата и вратот додека се враќала дома со училишниот автобус.

Во потесниот избор за наградата „Сахаров“, Малала ги победи белоруските политички затвореници Алеш Бјалацки, Едвард Лобу и Микола Статкевич, како и американскиот компјутерски експерт и поранешен вработен во ЦИА, Едвард Сноуден. Наградата во вредност од 50.000 евра, ќе ѝ биде официјално врачена за време на свечена церемонија на 20 ноември во Стразбур. 

Наградата „Сахаров“, која е именувана по советскиот научник и дисидент Андреј Сахаров, се доделува од 1988 година на поединци или организации кои го посветуваат својот живот на одбрана на човековите права и слободи, посебно на правото на слободно изразување .

 

Click