ЕУ вести

Петок, 10 мај 2013 година

Се одбележа Денот на Европа

Со разни активности и свечености на Стариот континент, вчера беше одбележан 9 мај – Денот на Европа, но во исто време се одбележа и победата против фашизмот. Целта на овој ден е преку низа настани да се придонесе кон меѓусебно приближување на европските народи.

Секоја година на овој ден, Европската унија го слави мирот и единството, одбележувајќи ја годишнината од Шумановата декларација, која се смета за темел на она што преставува Европа денес - мир, слобода, демократија, стабилност и благосостојба.

На 9 мај 1950 година, тогашниот француски министер за надворешни работи, Роберт Шуман, го претставил својот предлог за создавање на организирана Европа, неопходна за одржување на мирни односи меѓу државите. 63 години подоцна, ЕУ има 27 земји-членки, а наскоро ќе добие уште една плус – Хрватска.

Сепак, на вчерашниот ден, покрај прославите, на европските улици се одржаа и протести, пред сè поради незадоволството од високата стапка на невработеност, но и од други причини кои предизвикуваат револт кај Европејците.

Во тој контекст и изјавата на претседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц, дека лесно е да се празнува во добри времиња, кога има отворено многу работни места, а економијата е на високо ниво, но потешко е кога граѓаните ја губат работата. Сепак, пораката е дека европската заедница е составена од држави и граѓани со висок степен на меѓусебна поврзаност и дека успехот на еден не може да биде постигнат на сметка на друг.

 

 

 

 
Click