Собраниско раководство



Четврток, 12 декември 2013 година, Тирана, Албанија

Обраќање на претседателот Вељаноски пред пратениците на Собранието на Република Албанија

Почитуван претседател на Парламентот на Република Албанија,
Почитувани членови на законодавниот дом,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Дозволете да го споделам моето искрено задоволство од можноста што ја имам да се обратам денес пред овој ценет аудиториум сочинет од избраните претставници на народот на пријателската држава Албанија.
За мене, како претседател на Македонскиот парламент, оваа чест доделена од моите албански домаќини, претставува највисок израз на почит упатена кон Република Македонија и кон нејзините граѓани.

Поради тоа,
Ju falënderoj shumë
Juа përcjell mirënjohjen e qytetarëve të Maqedonisë.
(Ви благодарам многу, Ви ја пренесувам и благодарноста на граѓаните на Македонија).

Почитуван господин претседател Илир Мета,
Почитувани пратеници од сите политички партии,

Денеска, тука, во овој прекрасен град Тирана, односно во овој велелепен објект на Албанскиот парламент, со себе подеднакво ги носам очекувањата и на Македонците и на Албанците од мојата држава.
Пред Вас подеднакво ги изложувам со искрена волја радосните импресии од оваа посета и на нашите сограѓани од Скопје, но и на нашите сограѓани од Тетово.
Тука, со себе, ги носам импресиите од преубавите Охридско и Преспанско Езеро, како и од прекрасната Шар Планина, кои се наша заедничка цел и обврска.

Стојам тука пред вас за да повикам на уште поголема соработка и разбирање помеѓу нашите народи и држави.
Знам дека имаме уште можности да ја развиваме политичката соработка и заемното сојузништво.
Знам дека имаме уште можности да ги продлабочуваме нашите цврсти културни врски.
Знам дека имаме уште можности да градиме поголеми мостови на економска соработка.
Има простор за пошироко отворање на вратите на нашите држави за влез на нови инвестиции.

Накратко - тука стојам пред вас за да ја потврдам мојата длабока решеност да дадам свој личен печат во севкупното унапредување на односи помеѓу Македонците и Албанците.
Помеѓу Македонија и Албанија.
И горд сум на тоа.
Горд сум затоа што искрено верувам во нашето меѓусебно пријателство.

Искрено верувам и во големата желба за надминување на неколкуте меѓусебни предизвици што ни стојат на патот до нашиот заеднички успех.

Верувам и затоа што знам дека успехот на Албанија е подеднакво значаен и за нас во Македонија, како што знам и дека успехот на Македонија е подеднакво значаен и за Вас, тука во пријателска Тирана.

Заедно сме се радувале на сите успеси. Не само во политиката или економијата. Туку поеднакво ги славиме и меѓусебните културни, образовни или спортски успеси.

Вашите победи се и наши победи.
Нашите успеси, верувам, дека се и ваши.

Во таа смисла, од ова место, сосема директно, сакам да изразам лична убеденост дека Република Албанија многу скоро ќе го добие кандидатскиот статус, а бргу потоа ќе ја оствари и големата национална цел - членството во ЕУ.

Знам и убеден сум во тоа дека оваа награда сосема искрено ја заслужувате, како  резултат на трудот и на залагањата на политичарите, но и на администрацијата, односно на целото албанско општество.

Вашиот напредок кон Европската унија е потврда и за вашата зрелост и спремност да дадете придонес во развојот на општо цивилизациските европски вредности, кои, исто така, се и македонски вредности.
Македонија искрено се радува на овој албански успех.

Веруваме дека и во иднина ќе продолжите, почитувани пратеници, уште повеќе да ја развивате албанската држава и општество.

Драги пријатели,

Стојам тука пред вас за да ја потврдам силната волја на Република Македонија за развој на пријателството со Република Албанија.
Стојам денес пред вас затоа што цврсто верувам дека нашата иднина е испреплетена и со јасна благородна цел.

Таа цел својата сила ја црпи од позитивните примери од минатото, но гледа длабоко во иднината.

Во онаа иднина која свој потполн израз ќе добие во моментите кога нашите две држави и нашите два народа ќе застанат еден до друг во обединетото семејство на Европа.

Почитувани дами и господа,

Балканската политичка историја и односите помеѓу нациите во минатото беа окарактеризирани со моменти на конфликт, но и со моменти на меѓусебно почитување.

Со мигови на економска соработка, но и со воздржаност.
Со мигови на разбирање, но и со меѓусебни обвинувања и национална изолација.

Нашата историска битка е да продолжиме со промовирање на разбирањето и на почитувањето.
Нашата историска обврска е да истраеме на патот на довербата и на соработката.

Македонија и Албанија треба да продолжат да емитираат позитивни пораки и да продолжат да бидат пример за одлична добрососедска соработка.

Да си пружиме рака!
Да ги развиваме стандардите!
Да си дадеме збор дека нема да дозволиме да постојат предизвици кои ќе ги оптоваруваат, макар и во најмала мера, нашите односи.
Да се поддржуваме меѓусебно како што тоа го правевме во минатото.
Да им бидеме пример на европските држави, а не само тие нам да ни бидат пример.

Нашите граѓани воспоставија мноштво на мостови на соработка.
Албанците од Македонија ги градат врските со пријателска Албанија.
Но, и Македонците од Албанија придонесуваат за натамошен развој на македонско-албанските односи.

Овие врски се нашата најголема сила.
Да ги негуваме.
Да ги развиваме.
Да се бориме за нив.

Ова мноштво од релации се она што нè одржува и ни ја определува агендата на секое политичко дејствување.
Собранието на Република Македонија ќе продолжи и во иднина да го негува духот на соработката и разбирањето.
Етничката шареноликост за мене е најголемото богатство, кое треба да го искористиме.

Богатство, кое нè обединувало низ вековите и кое треба да нè обедини во сегашноста и во иднината.
Односите помеѓу македонскиот и албанскиот народ се дел од највисоката агенда на најголем дел од релевантните политички лидери во Македонија.

Истовремено, тие се дел од моите врвни политички приоритети како претседател на Македонското собрание, но и како човек.
Образован во мултиетничка средина.

Созреван во етнички-мешаните делови во близината на Старата скопска чаршија и скопското Кале, најдобро ја познавам светоста на овие меѓусебно-испреплетени врски на пријателство и на доверба помеѓу Македонците и Албанците.
Помеѓу христијаните и муслиманите.

Верувам дека само така, разбирајќи се и помагајќи си меѓусебно ќе успееме и понатаму да им даваме пример на нашите граѓани, како треба да се однесуваат меѓу себе.

Цврсто верувам и сум убеден дека единствено преку комбинација на мерки за натамошно релаксирање на меѓуетничките односи и со силен и бескомпромисен ангажаман во насока јакнење на економијата, ќе успееме да ја зајакнеме довербата помеѓу Македонците и Албанците.
И во Албанија.
И во Македонија!
Ваквите настани, пак се исклучително потребни и корисни.
Само така, преку отворена дискусија ќе можеме да ги промениме нештата на подобро.

Дами и господа,
Во оваа прилика сакам јасно да посочам дека членството во Европската унија е еден од главните надворешно-политички цели на Република Македонија.

Со задоволство можам да констатирам дека околу ваквата определба постои општ политички консензус помеѓу сите досегашни Влади и политички субјекти во Република Македонија.
За остварување на оваа благородна цел подеднакво се залагале и се залагаат и Македонците.
И Албанците.
И сите други етнички заедници на Македонија.

Оваа наша стратешка определба наидува и на огромна поддршка од страна на јавноста во нашата држава.
Кога зборуваме за нашата аспирација за полноправна интеграција во Европската унија, веднаш и отворено ќе го искажам мојот став.

Припадноста кон Европската унија не е и не смее да биде цел самата по себе.
Таквата припадност ја согледувам како предуслов за нашиот севкупен развој и континуирано напредување.
Наша цел не е само членството во Европската унија.
Наша првенствена цел е достигнување на европските стандарди.
Свесни сме за потешкотиите кои таквото прилагодување ги носи со себе.
Но тоа, од друга страна, е нужен услов за еден ден Македонија да може рамноправно да партиципира во работата на европските институции.
Македонија, со својот пример и актуелно делување, сметам дека доследно ја потврдува таквата определба.

Истовремено, членството во Европската унија е надополнето со другата стратешка цел на Република Македонија.
Тоа секако е целта за интегрирање во НАТО.
На овој пат кон НАТО заедно изодевме многу делници.
Драги пријатели,
Целите на Република Македонија и на Република Албанија се комплементарни.
И предизвиците исто така.
Демократијата изникната од социјализмот е карактеристична и за албанскиот и за македонскиот народ.
Членството во Европската унија, пак, е заедничката цел на двете држави.

Верувам во силата на овие наши односи.
Верувам дека соработката во минатото ќе претставува гаранција за развој на меѓусебното сојузништво во иднината.
Мораме да истраеме на тој пат.
Имаме обврска да ја развиваме нашата меѓусебна соработка на секој план.

I përcjell përshëndetjet më të mëdha nga Maqedonia miqësore, për Shqipërinë dhe për shqiptarët.
(Ги упатувам од пријателска Македонија најголемите поздрави до Албанија и Албанците).

Ви благодарам на вниманието.

Click