ЕУ вести

Среда, 28 октомври 2015 година

ЕУ воведува забрана на роаминг

Целосна забрана на роаминг надоместок за повикување, испраќање на текстуални пораки и користење мобилен интернет во странство во земјите од Европската унија, ќе стапи на сила на 15 јуни 2017 година - беше одлучено на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур. Исто така, беше усвоен и предлогот за јасни правила за правото на пристап до интернет во ЕУ. 

Од 30 април 2016 година роаминг надоместокот (додаден на цената што е платена дома) не смее да биде поголем од 0,05 € по минута за појдовните повици, 0,02 € за СМС и 0,05 € по мегабајт за мобилно користење на интернет. 

Ограничувањата за надоместок за дојдовни повици ќе бидат одредени подоцна оваа година, но се очекува тие да бидат значително пониски од појдовните повици.

Ако операторите докажат дека на овој начин нема да можат да ги покриваат своите трошоци и дека тоа ќе влијае на домашните цени, националните регулаторни тела можат да им одобрат наметнување минимални надоместоци во исклучителни околности, како би можеле да ги повратат своите трошоци. 

За да се заштити индустрија од злоупотреби, како што е „постојаниот роаминг“, на операторите во одредени околности би им било дозволено да наплаќаат мал надомест, понизок од сегашниот, во согласност со политиката за „фер користење“.  

Што се однесува на мрежната неутралност, односно неутралноста на интернетот, тоа е начело според кое компаниите кои нудат интернет услуги ќе се обврзат еднакво да ги третираат сите видови на сообраќај, односно да не се блокираат или успоруваат страниците, апликациите или услугите од некои испраќачи, освен ако тоа не е неопходно за почитување на законите. Исто така, тие мораат на корисниците да им дадат јасно и разбирливо објаснување за интернет брзината на преземање и вчитување на услугата, со право на надоместок или раскинување на договорот во случај на отстапување од правилата, што ќе биде проверено од националните регулаторни тела.

Европератениците истакнаа дека на овој начин Европа ќе стане единствениот регион во светот со законски гаранции за отворен интернет и неутралност на интернетот. 
Click