ЕУ вести

Четврток, 1 декември 2016 година

Европската „Лукс“ награда за филмот „Тони Ердман“ 

Филмот на германската режисерка Марен Аде „Тони Ердман“, кој е германско-австриско-романската копродукција, е добитник на филмската награда LUX за 2016 година, која ја доделува Европскиот парламент.

Оваа трагикомедија го истражува комплексниот однос помеѓу татко и ќерка, кои се обидуваат повторно да се поврзат во современото корпоративно општество. 

„Тони Ердман“ е прикажан во конкуренција на Канскиот фестивал, добитник е на Гран прито „ФИПРЕСЦИ“ за најдобар филм на годината, како и германски кандидат за Оскар.

„Да се биде еден од финалистите, веќе беше како награда, бидејќи филмот добива превод и се прикажува во 28-те земји на ЕУ, а тоа е најголемото задоволство за еден режисер“, истакна режисерката Марен Аде.

Другите два филма кои влегоа во потесниот избор за наградата, беа „Едвај ги отворам очите“ (Франција, Тунис, Белгија, Обединетите Арапски Емирати) на Лејла Бузид и „Мојот живот како тиквичка“ (Швајцарија, Франција) од Клод Барас. 

Во текот на последните десет години наградата „Лукс“ придонесе за унапредување на 100 европски филмови. Европарламентот ги плаќа трошоците за преведување и титлување на секој од трите финални филмови на 24-те официјални јазици на Европската унија и истите се прикажуваат во сите 28 земји членки на ЕУ во текот на таканаречените „Лукс филмски денови“. Покрај тоа, победничкиот филм е прилагоден и за лицата со оштетен вид и слух и добива поддршка за меѓународна промоција.

Целта на наградата е да се подобри циркулацијата на европските филмови низ ЕУ, да се сподели разновидноста на европската кинематографија и да се поттикне поширока дебата за големи општествени прашања покренати во избраните филмови.

Click