ЕУ вести

Среда, 27 јануари 2016 година

Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот

По повод денешниот Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот, своја изјава даде претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер, во која, меѓудругото, истакнува дека Еврокомисијата прави сè што е во нејзина моќ во борбата против антисемитизмот.

„Оваа трагедија лежи длабоко во нашата душа, денеска кога ја одбележуваме смртта на 6 милиони Евреи - мажи, жени и деца. Нападите врз Евреите се напади врз сите нас, против нашиот начин на живеење, против толеранцијата и против нашиот идентитет. Ова е прашање на човештвото и историска одговорност. Наша морална обврска е да им се помогне на оние кои имаат потреба од засолниште, кои бегаат од војна, диктатура, верски и политички прогон. Во исто време, мора да се спротиставиме на опасниот подем на екстремизмот, расизмот, ксенофобијата, национализмот и антисемитизмот“, истакна г. Јункер.

Првиот човек на Еврокомисијата го повтори заветот на генерацијата која го обнови Стариот континент врз урнатините на Втората светска војна и пепелта на Холокаустот - „Никогаш повеќе!“.  

И Република Македонија се приклучи во одбележувањето на денешниот ден со комеморативна церемонија во чест на сите жртви на Холокаустот, вклучително и 7.144 Евреи од нашата земја кои во 1943 година беа депортирани и екстерминирани во логорот „Треблинка“.

Click