ЕУ вести

Четврток, 14 јануари 2016 година

Вроцлав и Сан Себастијан - европски градови на културата за 2016 година

Полскиот град Вроцлав и шпанскиот Сан Себастијан ќе претставуваат европски престолнини на културата во новата 2016 година.

Отворањето на Вроцлав 2016 под мотото „Простори на убавината“, ќе се одржи претстојниов викенд, со речиси 100 културни настани, како што се концерти, изложби и ревии, со повеќе од 2.000 уметници, пејачи и музичари.

Овој град кој се простира на двете страни на реката Одра, е четврт град по големина во Полска. Пред Втората светска војна во него постоеле 303 мостови, а денеска се останати 220.

Официјалното отворање на Сан Себастијан како европски град на културата е закажано за 23 јануари. Програмата на овој баскиски град се води под логото „Култура за соживот“, односно промовира подобри начини на заедничко живеење, преку уметноста и културата.

Сан Себастијан или на баскиски Доностија е позната туристичка дестинација во Шпанија, град во кој се одржува и престижниот Интернационален филмски фестивал.

Европски престолнини на културата е еден од најпрепознатливите проекти на ЕУ, со традиција уште од 1985 година на иницијатива на тогашниот грчки министер за култура, г-ѓа Мелина Меркури.

Овој проект е одлична можност за градовите да го променат својот имиџ и преку сопствениот културен развој, да привлечат повеќе туристи.

Минатата година културата на Европа ја промовираа градот Плзењ од Чешката Република и Монс од Белгија, додека во 2017 година тоа ќе бидат данскиот град Архус и кипарскиот Пафос.

Click