Собраниско раководство

Сабота, 10 мај 2014 година

Обраќање на г. Трајко Вељаноски по повод втор реизбор за претседател на Собранието 


Почитувани колеги пратеници,
Почитувани претставници на средствата за јавно информирање,
Почитувани претставници на дипломатските и на конзуларните претставништва,
Дами и господа, 

Сосема искрено ја изразувам мојата благодарност за доверената обврска по трет пат да бидам претседател на Собранието на Република Македонија.
За мене е ова потврда за досегашниот труд, но и обврска дека довербата подлежи на секојдневна проверка.
Свесен сум за тоа и ветувам дека ќе го водам Собранието најдобро што можам и умеам во функција на развојот и напредокот на Македонија. 

Почитувани пријатели,

Република Македонија поминувала низ безброј предизвици кои битно ја определувале нејзината иднина и развиток.
Како општество имаме такво државотворно минато во кое сме давале неброени жртви за да го обезбедиме нашиот заеднички напредок.
Меѓутоа, историски, тој потрошен труд, време, пот и напор секогаш се исплателе бидејќи целта е така голема и благородна како што е голема и благородна нашата татковина, Република Македонија.
За Македонија нема ниту еден врв што е недостижен.
За Македонија нема ниту една препрека што е непремостива.
За Македонија не постои ниту еден пат што не може да се изоди.
За Македонија нема ниту една излеана пот што е залудна.
Таа, нашата Татковина, ја определува смислата на сите наши потези и им дава историска вредност на истите.
Така е и денес.
Така било и ќе биде.
Ние сме минливи и менливи, а вечна е само Македонија.
Затоа, треба добро да запомниме дека она што денес го правиме, утре ќе подлежи на судот на историјата.
Како личности што ја преземаме одговорноста за нашите граѓани, имаме одговорност да повлекуваме мудри потези и да носиме исправни одлуки.
Јас сум убеден дека оваа генерација политички личности, во најголема можна мера носат исправни одлуки што е препознаено и поддржано во огромна мера од страна на народот на Македонија.
Така беше и на последните избори на кои победи досегашниот концепт и визии за развојот на државата.

Почитувани пријатели,

Денес сме собрани во храмот на македонската демократија за да ја верифицираме волјата на граѓаните која беше јасно манифестирана во фер и во демократска атмосфера на минатите парламентарни избори.
Денес - ние претставниците на различните партии - согласно правилата на нашиот поредок, продолжуваме да работиме и да создаваме нови дела.
Денес уште еднаш треба да се потсетиме дека Македонија е името кое треба да нè обедини.
Наспроти сите наши разлики, во оваа просторија, дел од оваа грандиозна зграда и фактички покажуваме дека сме упатени на меѓусебна соработка и на разбирање.
Демократијата единствено и само така се сведува на изборот на народот кој е пресликан во парламентот.
Изразувам задоволство што денес на оваа конститутивна седница повеќе од 2/3 од народните избраници ја манифестираа својата почит кон граѓаните што ги гласале и со тоа што се тука на своите работни места.
Меѓутоа, сакам да ја споделам и мојата длабока разочараност што пратениците од една коалиција, незадоволни од народната поддршка, одлучија да не ја извршуваат доверената одговорна задача.
Оттаму, од ова место, како прв меѓу еднаквите, повикувам на државно единство.
Повикувам сите да бидат свесни за својата историска одговорност и да не дозволат личните суети да ја надминат почитта кон Македонија.
Ги повикувам нашите колеги од опозицијата да дејствуваат во рамките на уставот и на законите, односно да дојдат тука во Парламентот за да работиме.
Демократијата не познава друг начин на работа освен аргументирана дебата и меѓусебно уважување. 

Почитувани дами и господа,

Во изминатите мои два мандата како претседател на македонскиот законодавен дом заедно со сите пратеници, верувам дека дадовме значаен влог во унапредување на нештата.
Изразувам искрено задоволство што најсериозниот проект започнат во мојот прв мандат, ќе се реализира во полн обем во овој мандат.
Ќе заврши реализацијата на еден историски проект.
После повеќе од половина век, создаваме услови со кои Македонија добива репрезентативен, но и целосно функционален објект на македонското собрание, токму таков каков што имаат другите развиени држави и каков што ѝ прилега на нашата татковина.
Пратениците, новинарите, службата, меѓународните гости и граѓаните во полн обем ќе можат да го почувствуваат духот во оваа зграда-симбол на претставничката демократија.

Освен тоа, во политичка смисла, како претседател на македонското собрание, изразувам задоволство што заедно со останатите колеги пратеници во минатите два мандата:

  • Целосно ја имплементиравме информациската технологија во работата и во одлучувањето;
  • Постојано ги унапредувавме условите за слободно делување на македонските новинари и медиумски куќи;
  • Согласно моите овластувања, како претседател, остварив многубројни билатерални средби со мои колеги од парламентите на други држави со кои постојано ги афирмирав нашите залагања за членство во Европската унија и во НАТО;
  • Во оваа смисла, исто така, имав чест да бидам домаќин на други мои колеги-претседатели на парламенти на пријателски држави, со кои исто така го афирмирав македонскиот модел на демократија и напредок;
  • Изразувам задоволство и од соработката со дипломатските претставништва во нашата држава, како и со невладините организации, со кои успеавме да реализираме многу значајни проекти;
  • Конечно, не помалку време посветивме и на граѓаните, кои нè бираат и заради кои сме тука, а кои преку низа проекти имаа можност уште поблиску да ја живеат и да ја практикуваат претставничката демократија;
  • Во крајна линија, мораме да бидеме искрени дека природата на животот некогаш нè доведуваше и во ситуации кои значеа „два чекори напред, а еден чекор назад“, но уверен сум дека секогаш беше постапувано на начин кој значи дека единствено граѓаните и државата ни се пред сè.

Драги пријатели,

Во периодот пред нас знам дека ќе се соочуваме со нови предизвици.
Знам дека нема да биде сè лесно, ниту едноставно.
Искуството што го имам, но и искушенијата пред кои е исправена Македонија упатуваат на овој заклучок.
Меѓутоа, знам дека пократок пат не постои.
Кратки решенија не се возможни.
Мораме да работиме уште повеќе и уште подобро.
Јас можам да ветам дека Собранието ќе продолжи да ја надградува македонската демократија со уште пожестоко темпо.
Нема запирање, ниту одмор.
Ви ветувам безброј седници, мноштво на закони и други одлуки.
Ви ветувам долги дебати и силна динамика.
Интеграцијата во Европската унија и вкупните државни реформи се наша голема цел.
Тие продолжуваат да ја определуваат и нашата агенда и нашето темпо на работа.
Мораме да ги завршиме што побрзо и што подобро преостанатите задачи на патот до подобриот живот.
Мораме да продолжиме да работиме за да добиеме нови уште подобри извештаи за нашиот напредок од страна на Европската комисија.
Мораме да ја реформираме армијата, одбраната и останатите сегменти за да ги надградуваме НАТО стандардите.
Мораме да имаме високо чувство на патриотизам и државотворна одговорност во решавањето на сложените меѓународни предизвици каков што е спорот со името.
Конечно, мораме со личен пример да покажеме дека нашите политички, етнички или верски специфики се предност која нè прави побогати, а не слабост која треба да се надмине.
Да внимаваме на секој изречен збор.
Да бидеме свесни дека треба да му дадеме добар, демократски пример на народот што не избрал.
Да дебатираме и да предлагаме добри дела.
Да оставаме позитивни нешта зад себе и гордо да чекориме напред.
Да ја оправдаме тезата дека има разлика и истата да ја направиме уште поочигледна.
Да ги имаме секогаш пред себе граѓаните и нивната иднина.
Да продолжиме да бидеме уште поодговорни и посветени бидејќи само така ќе покажеме дека Македонија се сака со дела.

Почитувани дами и господа,

Честа да се биде претседател на македонското собрание е навистина голема.
По трет пат стојам пред вас со целото искуство и знаење што го имам.
По трет пат се обврзувам дека останувам да бидам чувар над вредностите на парламентаризмот, демократијата, правдата и дијалогот.
По трет пат обзнанувам дека сум претседател на сите независно од политичката, етничката или верската припадност.
Ветувам дека со уште поголема сила продолжуваме да ги освојуваме новите врвови на македонскиот демократски напредок.
Со уште поголема енергија продолжуваме да ги совладуваме новите предизвици.
Со уште поголема енергија застануваме во првите редови во демократската битка за имплементирање на европските и на евроатлантските вредности.
Заблагодарувајќи ви се уште еднаш за вашата поддршка, искрено ве поздравувам.
Посакувам бог на сите да ни даде мудрост и сила да ги носиме најисправните одлуки.

Да бидеме достојни на доверената задача од народот и да ја чуваме и сакаме Македонија.

Нека е вечна македонската демократија.

Да живее Македонија.

Благодарам.

Click