Собраниско раководство

Недела, 6 јули 2014 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на 53. Балкански фестивал на народни игри и песни

Почитувани пратеници,
Почитуван градоначалник на општина Охрид,
Екселенции,
Дами и господа,
Почитувани учесници на фестивалот,
Драги пријатели,

Од година во година задоволството да се биде дел од оваа манифестација станува сè поголемо. Дотолку поголемо, имајќи ја предвид долгогодишноста, нејзиното значење, признанието кое ѝ се оддава, вниманието кои ѝ се посветува. 

Особено горди не прави фактот што токму Балканскиот фестивал на народни игри и песни, како најстара фолклорна манифестација на Балканот, го има заслужениот примат дома, но и надвор од Македонија.

На отпочнувањето на 53. издание на оваа значајна културна манифестација, дозволете, пред сè, да искажам благодарност на организаторот на манифестацијата - Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“, која со помош на Министерството за култура, преку овој фестивал на народни песни и игри, ги промовира македонските културни вредности и го презентира македонскиот фолклор, но, воедно, ја промовира и докажува македонската гостопримливост и отвореност кон сите кои ги негуваат овие трајни вредности.

Потребно е, како држава, но и како поединци, постојано да се залагаме и ангажираме за зачувување, негување и промоција на тоа што значи традиција и културни обележја, кои не потврдуваат како дел од европската култура и како дел од целокупното цивилизациско и културно наследство.

Македонскиот народ досега секогаш успевал, без оглед на околностите во кои опстојувал, да го зачува највредното и да го пренесе на поколенијата. Успевал на најдостоинствен начин да одговори на аманетот на предците, да го сочува својот национален и културен идентитет.

Чувајќи го своето, негувајќи го и пренесувајќи го на генерациите кои доаѓаат, македонскиот народ секогаш ги ценел и почитувал овие вредности и кај секој друг, кај соседите и сите други народи. Македонскиот народ секогаш ги респектирал и уважувал различните културни особености, гледајќи на нив како на цивилизациско богатство.

Токму народната игра и песна, како дел од фолклорот и дел од севкупното духовно творештво на еден народ, се значаен субјект на националниот и културен идентитет на секој народ, имуни на времето, на државните граници и дневно политичките случувања.

Почитувани присутни,

Сакам да ги поздравам сите учесници, но пред сè гостите кои годинава се дојдени од Турција, Бугарија, Хрватска, Австралија, Црна Гора, Полска, Словенија, Грција и Србија, на сите да им посакам убави и успешни настапи, многу дружење, нови пријателства и убави спомени што од Охрид и од Република Македонија ќе ги понесат дома.

Со тоа, почитувани, дозволете ми 53. Балкански фестивал на народни песни и игри да го прогласам за отворен.

Ви благодарам.

Click