Собраниско раководство

Среда, 21 мај 2014 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Меѓународната конференција за безбедност на сообраќајот на патиштата

Почитуван господин Гус,
Почитуван господин Ангеловски,
Почитувани учесници на Меѓународната конференција за безбедност на сообраќајот на патиштата,

Лично задоволство и чест ми е да бидам покровител на овој значаен настан, Меѓународната конференција за безбедност на сообраќајот на патиштата, чиј домаќин и организатор, со одлука на Извршниот одбор на Меѓународната организација за безбедност на сообраќајот на патиштата е Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Собранието на Република Македонија, како законодавен орган води постојана грижа за унапредувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата, преку усвојување на стратешките документи и на законодавството од оваа област.

Република Македонија, како земја со кандидатски статус за полноправно членство во Европската унија, постојано го хармонизира своето законодавство со законодавството на унијата, а во тие рамки и со законодавството во областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Основната цел е да се применат добрите искуства и практики на Европската унија, заради постигнување на високи стандарди и минимизирање на сите видови на ризици и закани во сообраќајот на патиштата.

Собранието на Република Македонија ја усвои Националната стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедност во сообраќајот на патиштата 2009 – 2014, а во моментов во завршна фаза е изготвувањето на Втората национална стратегија, за период 2015 – 2020.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како тело на Собранието на Република Македонија, во соработка со други институции и организации, презема низа мерки и активности за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Посебно е важно да се потенцираат активностите за подигање на јавната свест за потребата на унапредување на безбедноста на сообраќајот, а особено на ранливите групи, како што се децата, младите учесници во сообраќајот, возрасните лица и лицата со посебни потреби.

Главна тема на оваа Меѓународна конференција е улогата на локалната самоуправа во остварување на безбедноста на сообраќајот на патишта, осносно на улиците и на локалните патишта.

Во Република Македонија, во последните години, успешно се завршува процесот на децентрализација на власта. Децентрализацијата на власта подразбира трансфер на надлежностите од централните органи на локалната самуправа, со што се засилува улогата на локалната самоуправа, а со тоа и нивната одговорност.

Една од важните области каде се одвива процесот на децентрализацијата, е безбедноста на сообраќајот на улиците и локалните патишта, каде единиците на локалната самоуправа, односно општините и градот Скопје, имаат значајни надлежности.

Со тоа локалната самоуправа има голема одговорност за севкупната безбедност на сообраќајот на патиштата, а особено со проектирање, изградба и одржување на улиците и локалните патишта, уредување на патната околина, хоризонталната и вертикална сигнализација, обезбедување на доволен број на безбедни паркинг места, изградба на велосипедски патеки и низа други активности, единиците на локалната самоуправа остваруваат значајна улога во оваа област.

Во Република Македонија постојат успешни примери на општини кои преземаат мерки и активности во областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Меѓутоа, овој пример треба да го следат и останатите општини. Во иднина се потребни перманентни напори на градоначалниците, советите и на другите органи на единиците на локалната самоуправа во насока на постигнување на висок степен на безбедност на сообраќајот.

Во оваа насока важни се напорите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој ги поттикнува единците на локалната самоуправа за основање на општинските совети за безбедност на сообраќајот и поради ова голем број од општините ги имаат формирано овие совети. Потребно е во блиска иднина сите да го сторат истото.

Во оваа прилика сакам да го потенцирам значењето на учеството на голем број на членови на Меѓународната организација за безбедност на сообраќајот на патиштата и други меѓународни организации, на националните организации и на експерти, кои даваат особено значење на оваа Меѓународна конференција.

Очекувам дека оваа меѓународна конференција во рамките на Декадата на Обединетите нации за безбедност на сообраќајот на патиштата ќе даде значаен придонес во унапредување на безбедноста на сообраќајот на глобално, на национално и на локално ниво.

Убеден сум дека дебатата, презентациите, трудовите, документите и дискусиите на конференцијата, ќе најдат практична примена и ќе влијаат за минимизирање на сите ризици во безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Честитајќи за одличната организација на конференцијата ви посакувам плодна и успешна работа.

Бладодарам.

Click