Собраниско раководство

Среда, 23 јули 2014 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Петтата годишна конференција на иселеничките организации

Дами и господа,
Драги пријатели,
претставници на нашата дијаспора,

Грижата за македонската дијаспора претставува константа во определбите на Собранието и Владата на Република Македонија. Таа определба и политиките кои се креираат во последниве години, постојно се надоградуваат и прошируваат. Во суштина, грижата за сопственото иселеништво денеска е европска и цивилизациска вредност, а во многу држави-членки на ЕУ таа грижа е поставена и како уставна категорија. Токму затоа, ние ќе продолжиме оваа европска и цивилизациска вредност постојано да ја развиваме и надополнуваме, како преку нормативното уредување, така и со конкретни политики и проекти. Имено, нормативното уредување, без вистински креативни содржини и политики, е само празна лушпа. Мислам дека во овие осум години на владеење на ова владејачко мнозинство, со нормативно уредување, но што е поважно со конретни проекти и политики, постигнати се многу големи резултати токму на полето на грижата за македонската дијаспора и иселеништвото во целост и јакнењето на врските со матичната држава. 

Би сакал само да потсетам дека сме на почетокот на вториот мандатен период во кој во Собранието на Република Македонија седат тројца пратеници кои директно ги бира македонската дијаспора и иселеништво. Ова е посебно важно бидејки токму на овој начин, не само што институционално дијаспората се поврзува со својата матична држава, туку преку овие тројца пратеници, македонската дијаспора може да ги артикулира своите интереси, своите проблеми но и видувањата на се она што се случува во Република Македонија како нивна матична држава. Имено, односите меѓу матичната држава и дијаспората, односно иселеништвото, се исклучиво двосмерни процеси. Затоа убеден сум дека токму парламентот со својата целокупна активност од законодавна преку контрола на извршната власт, па се до парламентарната дипломатија има многу одговорна улога во развојот на целокупните односи со дијаспората. 

Почитувани пријатели,   

Печалбарството е дел од историскиот развој на Македонскиот народ уште од втората половина на 19-от век. Сепак тоа што сите треба да не прави горди е фактот дека македонската дијаспора без разлика на сите предизвици никогаш не ги заборавила своите корени, никогаш не го заборавиле својот македонски јазик, својата вера својот фолклор и убава песна, односно никогаш не го заборавила својот национален идентитет. Како претседател на Собранието на Република Македонија, за време на моите официјални посети на многу европски парламенти но и во прекуокеaнските држави и континенти Америка, Австралија, Канада, моите домаќини кога станува збор за македонската дијаспора во нивните држави, секогаш истакнуваат две карактеристики. 

Прво дека тие одлично се интегрирале во новите средини и со својата креативност, работливост со својата чесност, даваат значаен придонес за развојот на тие држави. Но во исто време  без разлика дали станува збор за прва, втора или трета генерација, тие не само што успеале да ги зачуваат својот национален и културен идентитет, туку своите културни вредности да ги претстават и споделат многу пошироко таму каде што живеат. Ете почитувани пријатели, најчесто вака моите странски соговорници зборуваат за македонската дијаспора. Верувајте дека овие две децении на самостојност токму македонската дијаспора била и ќе биде најголемиот промотор ширум светот на Македонскиот народ и на неговиот јазичен културен идентитет, а секако со тоа и на македонската држава Република Македонија.

Ова уште повеќе е значајно и има ако сакате и непрoценлива вредност бидејки сеуште не е затворено македонското прашање. За жал и во 21 век овде околу нас има сеуште сили кои сакаат да го избришат македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, црква а со тоа да го разнебитат и да го избришат македонскиот народ.  Но верувам дека сите го делите моето убедување дека токму сплотени како ние овде дома така и ширум светот како и досега и оваа битка ќе ја извојуваме во корист на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија.

Почитувани пријатели, 

Собранието на Република Македонија, Владата, но и другите институции во овие години посебно внимание посветуваа на реформите и тоа во сите сфери. Наша цел е Република Македонија утре кога ќе стане полноправен член на ЕУ и НАТО, а тоа се наши стратешки определби, да бидеме конкурентни со сите други членки на овие асоцијации. Таа конкурентност е во сите сфери, во парламентарната демократија, во судството, во културата и образованието, и секако во економијата. 

Драги пријатели, 

Десет дена не делат од двата Илиндена. Илинден 1903 и Илинден 1944. Датуми, поточно историски настани врз кои се темели денешна самостојна и суверена Република Македонија како држава на македонскиот народ но и на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, или било која друга карактеристика. Односно како што е запишано уште во Крушевскиот Манифест а потоа и во заклучоците на АСНОМ.

Токму во овој период, јули и август е и најголемата присутност на македонската дијаспора во татковината, а тоа е и можност за вакви институционални средби и конференции.  

Гледајки ја вашата програма за оваа петта по ред конференција на иселеничките организации, гледам дека доста сериозно сте се подготвувале за оваа конференција. Изборот на темите за расправа, од првата, посветена на Чување и негување на македонскиот јазик па до четвртата тема. Остварувањето на пензиското право на иселениците, ги отсликува вистинските прашања и проблеми кои се битни за дијаспората, но и за Република Македонија како единствена матична татковина на сите нас. Верувам дека заедно со претставниците на соодветните институции но и со вашите практични искуства на сите овие прашања ќе бидат понудени одговори и решенија како да се надминат оние недостатоци кои се појавуваат и како да се оди напред. 

Затоа дозволете на крајот да ви посакам плодна и успешна работа. Да ви посакам пред се убав престој во татковината заедно со своите најблиски. Да ви посакам кога ќе се вратите во вашите домови ширум светот на другите нашинци да им ги пренесете заклучоците од конференцијата. На вашите тамошни пријатели да им ги пренесете и претставите убавините на Македонија. Прогласувајки ја Петтата годишна конференција на иселеничките организации за отворена, посакувам и догодина повторно да се видиме. 

Ви благодарам.

Click