Собраниско раководство

Среда, 28 септември 2016 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер и 10-годишниот јубилеј од постоењето на Комисијата

Почитуван претседател на Комисијата,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

На самиот почеток би сакал да ви го честитам вашиот јубилеј, односно десет години од формирањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, а во исто време сите заедно да го одбележиме и Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер.

Сите ја знаеме онаа стара изрека дека оној кој ги има информациите, тој владее со светот. Токму затоа, правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, денес, претставува еден од носечките столбови на демократијата, а во исто време и значајна алатка со која јавноста може да врши општествена контрола врз власта. Нашата стратешка определба е членство во НАТО и ЕУ, а остварувањето на овие наши стратешки определби го наметнува слободниот пристап на информациите од јавен карактер како еден од клучните критериуми за полноправно членство.

Почитувани пријатели,

Република Македонија во овие 25 години успеа прво законски, односно нормативно да ги вгради принципите на парламентарната демократија, владеењето на правото, односно стандарди и принципи со кои Република Македонија го доби статусот на држава кандидат за членство во ЕУ, а, исто така, се исполнија и условите за полноправно членство во НАТО. Сепак, и понатаму треба да продолжиме да работиме на натамошно јакнење на сите процеси кои водат кон поголема демократија, кои водат кон подобра функционалност на државата и институциите, а сето тоа оди во бенефит на граѓаните.

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во изминативе десет години направи квалитетен чекор напред во остварувањето на еден од темелните демократски принципи, а тоа е слободниот пристап до информациите од јавен карактер. Тоа што посебно сакам да го истакнам е фактот, кој произлегува од вашите редовни извештаи, дека од минатата година расте бројот на граѓани кои како поединец поднеле жалби за кршење на нивното право до слободен пристап на информации од јавен карактер.

Тоа покажува јакнење на свеста кај граѓанинот како поединец за индивидуалното права, но и обврска да биде информиран. Во исто време, покажува дека вие како институција сте препознатливи во општеството како независен орган преку кој граѓаните можат да се жалат ако некоја институција им го скрати ова право.

Дами и господа,

Секогаш при одбележување на вакви годишнини се поставува прашањето дали е направено доволно, односно дали можело да се направи повеќе. Сметам дека Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како независен државен орган, оствари повеќе комплементарни димензии на она што во најширока смисла на зборот го именуваме како демократија. Првата димензија веќе ја споменав, а тоа е позитивниот тренд на граѓани кои како поединци се жалат дека некоја институција им го скратува правото да бидат информирани, односно да имаат достап до информациите од јавен карактер. Но, исто толку значајно е што во овие десет години вие успеавте да надминете еден цел куп институционални бариери. Исто така, сакам да ги истакнам вашите обуки со лица кои се задолжени за давање на информации од јавен карактер, како и на раководните лица од институциите со што ја менувате бирократска свест.

Почитувани присутни,

Сакам уште еднаш на вас како Комисија и на вашите стручни служби да ви го честитам јубилејот и да ви посакам успешна работа. Во оваа убава пригода сакам да апелирам до сите институции, вклучувајќи го и Собранието, за доследно почитување на своите обврски кога станува збор за слободен пристап на информации од јавен карактер, кои произлегуваат од законот кој ја уредува оваа значајна проблематика. Исто така, би сакал да напоменам дека како и досега, така и во иднина, Собранието на Република Македонија, во рамките на своите надлежности и обврски, ќе биде отворено за сите ваши иницијативи кои ќе водат до поквалитетен пристап до информациите од јавен карактер.

Ви благодарам на вниманието.

Click