Собраниско раководство

Вторник, 27 мај 2014 година 

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод свечено отворање на Парламентарен институт

Почитуван амбасадор Лазарото,
Почитувани екселенции,
Колеги пратеници,
Почитувани претставници на средствaта за јавно информирање,
Дами и господа,

Со особено задоволство денеска го означуваме почетокот на работењето на Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија, проект кој е реализирaн заедно со нашиот партнер Швајцарската агенција за соработка и развој и кој подразбира професионална, независна служба за истражувања и анализи.

Замислата е преку овој проект за Собранието, односно за пратениците, работните тела, советите, пратеничките групи, како и за потребите на вработените во Собранието, да се обезбедат објективни општи и компаративни анализи, анализи на закони, како и пристап до модерна и соодветно систематизирана истражувачка библиотека.Парламентарниот институт во законски рамки е утврден со Законот за Собранието на Република Македонија, а како што знаете неговата реализација и функционалност се дел од одредниците на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

Меморандумот за разбирање меѓу Собранието на Република Македонија и Швајцарскиот Федерален совет во врска со проектот „Поддршка на основањето и развојот на Парламентарниот институт“ е потпишан на 17 мај 2010 година, што е еден од показателите дека на денешниот ден и на ова свечено отворање му претходеше еден повеќегодишен процес, не толку едноставен би рекол, во кој се внимаваше на секој сегмент и детал кој се однесува на севкупната функционалност на Парламентарниот институт.

Претходеа многу средби и состаноци со партнерот Швајцарската агенција за соработка и развој, со сите останати пријатели и донатори кои сакаа да дадат свој придонес во градењето на овој проект.

Членовите на Управувачкиот совет на Парламентраниот институт дадоа дополнителен инпут во креирањето на функционалниот систем и успешно поминување на сите предвидени фази.

Јавноста веќе на неколку наврати е информирана дека претходеше транспарентен и конкурентен процес на вработување на службеници со соодветен степен на стручност, професионалност и подготвеност, како неопходност да се постави основата на специјализирана собраниска служба за изработка на анализи и споредбени истражувања, по теркот на неколку европски парламенти.

Тимот на Парламентарниот институт е составен од 25 државни службеници со соодветно образование, сите обучени и подготвени да одговорат на барањата на пратениците и потребите за изработка на анализи и истражувања.

Секој пратеник од новиот парламентарен состав, во веќе утврдена постапка, ќе може во писмена форма или електронски да поднесе барање за изработка на кратка информација, тематски, компаративни, статистички или хронолошки прегледи за одредени прашања и области кои се од доменот на негов интерес.  


Сведоци сме дека во последните неколку години се води особена грижа и се посветува особено внимание на зајакнување на севкупниот капацитет на Собранието на Република Македонија.

Посветивме голем анганжман на проекти кои ги реализиравме заедно со партнери и донатори, проекти кои овозможуваат и зајакнување на капацитетот, но и отворање на законодавниот дом кон јавноста и граѓаните. Дел од овие проекти се секако и „Мојот пратеник“ и „Канцеларии за контакт со граѓаните“. Секој од овие проекти се отпочнува, како што споменав со некој од партнерите, но секогаш се настојува по извесен период проектот да остане во самостојна и целосна реализација на Собранието.

Задоволството од денешното означување на стартот на работењето на Парламентарен институт е дотолку поголемо што токму овој проект во целиот период на подготовка и имплементација доби широка поддршка од сите пратенички групи во Собранието на Република Македонија, за што сакам денеска особено да се заблагодарам на сите колеги кои дадоа свој придонес во градењето на Парламентарниот институт како проект кој ќе го ползуваат и сегашните и сите идни парламентарни состави и вработени во собраниската служба.


На крај би сакал да изразам благодарност до амбасадата на Швајцарската Конфедерација, амбасадите на Чешката Република и на Словачката Република, кои активно придонесоа за успешен старт на овој проект.


Благодарност и до амбасадата на Соединетите Американски Држави и до колегите конгресмени и сенатори со кои остварив средби и кои лично се заложија и дадоа поддршка за успешно имплементирање на проектот.

Благодарност и до амбасадите на Сојузна Република Германија и Република Франција, за подготвеноста да дадат свој придонес.

Сакам да изразам лична убеденост дека проектот на кој посветивме големо внимание, многу време и енергија, Парламентарниот институт, и кој е креиран и работен по веќе воспоставени и функционално добри модели на практика, во целост ќе одговори на својата задача, а низ годините и самиот ќе стане модел на добра практика кој ќе служи за пример и терк за имплеметација во некој друг парламент.

Дозволете ми уште еднаш да изразам благодарност до сите учесници во процесот и да посакам успех на отпочнувањето на работа на Парламентарниот институт.

Ви благодарам.

Click