Собраниско раководство



Вторник, 25 февруари 2014 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Комеморативна академија по повод одбележувањето на 10. годишнината од загинувањето на претседателот на Република Македонија, г. Борис Трајковски

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Се навршуваат 10 години од 26 февруари 2004 година, денот кога Претседателот Борис Трајковски трагично го загуби животот. Во несреќата животот го загубија и негови блиски соработници: Димка Илковска-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Анита Лозановска, Миле Крстевски, Борис Велинов, Аце Божиновски, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски. Денеска, десет години подоцна, се сеќаваме на нив, сочувствуваме со болката и загубата на нивните семејства, на нивните најблиски.

Почитувани,
„НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ ОМРАЗАТА ДА ГО КОНТРОЛИРА ВАШИОТ ЖИВОТ. МОРАМЕ ДА БИДЕМЕ ЕДИНСТВЕНИ ЗА ДА ГО ПОРАЗИМЕ ЗЛОТО. МОРАМЕ ДА БИДЕМЕ СОЕДИНЕТИ ВО НАШАТА БОРБА ПРОТИВ СЕКАКВА ФОРМА НА ТИРАНИЈА БИДЕЈЌИ ВО ОВАА БОРБА НЕМАМЕ ВТОРИ ШАНСИ“.
Ова се зборови искажани од Претседателот Борис Трајковски кои најубаво го отсликуваат нејговиот карактер.
Карактер излеан од интегритет и добрина.
Карактер искован со принципелност и истрајност кој е одлика и силно оружје само на големи луѓе и на вистински лидери.
Овие карактерни благослови и лидерство што тој ги поседувaше може најубаво да се воочат во моментите круцијални за нашата држава.
Во моменти кога народот, па и политичките елити беа со вжештени глави - тој беше гласот на разумот.
Кога многумина понесени од неприликите повикуваа на поделби - тој повикуваше на мир и сплoтеност.
Кога многумина ја користеа верата за разединување и дефинирање на различни страни - тој ја користеше за обединување на сите граѓани укажувајќи им дека во Македонија има место за сите.
Конфронтирајќи се со оние што му наоѓаа замерки на неговата умереност и наводна прекумерна благост им одговараше со зборовите: „НЕМОЈТЕ НИКОГАШ ДА ГО ПОТЦЕНУВАТЕ И ДА ГО ИСМЕВАТЕ МИРОТ“.
Оваа порака денес служи како константен потсетник на неговото дело.
Оваа порака потенцира која е вистинската функција на еден државник и на тоа што значи да се биде одговорен лидер, но пред се што значи да се биде добар човек.

Драги пријатели,
Денес во чест на неговото сеќавање мораме значењето на оваа порака, како наш завет, да го премостиме и да го применуваме во нашата нова реалност и во приликите на ова време како би останале доследни на неговото дело.
Борис Трајковски беше навистина претседател на сите граѓани кои живеат во оваа држава.
Тој тоа секогаш го реафирмираше и го потенцираше.
Во една прилика тој недвосмислено ја искажа оваа заложба со следниве зборови: „ЈАС ИМАМ НАМЕРА ДА БИДАМ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СИТЕ ГРАЃАНИ НА МАКЕДОНИЈА, БЕЗ ОГЛЕД НА НИВНАТА ЕТНИЧКА ИЛИ ВЕРСКА ПРИПАДНОСТ, БЕЗ РАЗЛИКА НА НИВНАТА ПОЛИТИЧКА ОПРЕДЕЛБА. ЈАС НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ ЕТНИЧКАТА ОМРАЗА И НЕТОЛЕРАНЦИЈА ДА ЈА ПОТКОПА СТАБИЛНОСТА НА МАКЕДОНИЈА“.
Неговите заложби како еден од најбитните обединувачки фактори во Македонија за време на потпишување на Охридскиот договор како и заложбите за неговата имплементација незаборавајќи ги притоа условите во кои тој е донесен и константно подржувајќи дебата и расправа како истиот би можело се поефективно да се имплементира, праќаат јасна порака која ја отсликува неговата визија за инклузивна Македонија.

Порака која треба да не’ потсети дека ниту една држава неможе да опстои поделена и дека секојдневно, секој од нас, независно дали е политичар, дали е функционер, дали е обичен граѓанин. Независно дали е христијанин или муслиман, Македонец, Албанец, Ром, Турчин или Влав, треба да се стреми кон заедништво.
Секој еден од нас треба посветено да работи на секојдневна надоградба на нашата заедничка татковина, Македонија.
Во една прилика Трајковски ќе го заклучи и следново: „РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СЕ ГРАДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ИДЕАЛИ И ВРЕДНОСТИ, А НЕ НА ЕТНИЧКИ ГРУПИ. ТИЕ ИДЕАЛИ И ВРЕДНОСТИ ВКЛУЧУВААТ ЕКОНОМСКИ МОЖНОСТИ, ЈАЗИК И ОБРАЗОВНИ МОЖНОСТИ, ВЕРСКИ ПРАВА, И ПОЛИТИЧКИ ПРОЦЕСИ“.
Денес 10 години по трагичната прерана смрт, може да констатираме дека остануваме доследни, до крај на оваа визија.
Борис искрено веруваше во Македонија и во капацитетите на секој нејзин граѓанин.
Трајковски се гордееше со нашата татковина.
Со неговата непосредност, мудрост, едноставност, скромност и дигнитет најубаво ги олицетворуваше вредностите на нашата држава во светот.
Заради овие вредности тој беше ценет од најмоќните и највлијателни лидери во светот.
Општо е познато, дека Трајковски одржуваше блиски, меѓучовечки и пријателски релации со некои од светските лидери, кои, пак, во него препознаваа човек од морал, човек на кого може да му се верува...

Почитувани присутни,
Претседателот Трајковски во својот четиригодишен мандат можеше да се види во друштво на најистакнатите и најмоќните луѓе на светот, но во истиот тој период и со најприземните и најскромните луѓе.
Неговата човечност и сестраност правеше да се чувствува удобно со кралеви и кралици, министри и претседатели од големите и силни држави, и притоа во ниту еден момент да не заборави на својот народ и на тоа од каде потекнува.
Затоа често пати по некоја средба со големи достоинственици, или по посета на некоја светска престолнина тој можеше да се види во дружба со селаните од Македонија, со мажите и жените работници во фабриките, со македонските земјоделци...
Многу луѓе кои имале прилика да работат со него или да го познаваат и да поминат време со него во годините како претседател сведочат дека тој неуморно ги промовираше македонските интереси во меѓународата заедница преку своите лични конекции.
Во изразувањето на своето сочувство по неговата прерана и трагична смрт, еден член на конгресот на САД ќе каже за него : „БОРИС ТРАЈКОВСКИ СЕКОГАШ ГО ЗАСТАПУВАШЕ ОНА ЗА ШТО ТОЈ ВЕРУВА ДЕКА Е ПРАВИЛНО, МОРАЛНО И ИСПРАВНО, ДУРИ И ВО МОМЕНТИТЕ КОГА СЕ СООЧУВАШЕ СО ОГРОМНА ОПОЗИЦИЈА“.
Од ова уште еднаш може да го потврдиме неговиот некршлив интегритет и целосна посветеност на државните интереси.
Тој никогаш не се сомневаше во било која прилика неуморно да лобира за поддршка за својата татковина.
Дами и господа,
За време на мандатот на Борис Трајковски, Македонија доживува ренесанса во меѓународните односи. Имено, беа надоградени нашите стратешки односи и партнерство со САД; со другите западно-европски држави; како и со некои светски меѓународни организации.
Огромната почит која тој ја уживаше од страна на сите претставници во меѓународната заедница беше очигледна со доаѓањето на повеќе од 60 странски делегации на неговиот погреб во Скопје кои го изразија своето огромно жалење.

Меѓународната заедница го ценеше овој човек дури беше жив додека пак, за жал, тогаш заслепени од дневните политики, неможејќи да се види поголемата слика нас ни требаше еден ваков трагичен настан за да не сплоти сите заедно, граѓани на Република Македонија, од сите националности, вери и политички определби да ја сфатиме и разбереме неговата порака, неговите заложби и неговата огромна, клучна за судбината на нашата држава - улога која тој, сосема успешно ја одигра.

Се навршуваат 10 години од моментот кога Македонија и светот загубија важна политичка личност која подеднакво се грижеше за својот народ, но и за другите народи. Личност која се вложуваше за успехот на Македонија и се залагаше за нов и подобар свет.
Политичкиот ангажман, хуманоста и посветеноста се атрибутите кои Претседателот Трајковски го врежаа во меморијата и сеќавањето на граѓаните на Македонија.
Со своите лични особености и карактер стана симбол, кој подеднакво го ценат и го сакаат сите граѓани на нашата држава независно од нивната  национална, верска или политичка припадност.
Борис е светлиот моментум во поновата македонска историја.
Олицетворение на еден систем на вредности, за кој вреди да се залагаме, да го следиме.
Токму затоа, но и заради многу други нешта, тој останува личност, чие наследство и во иднина ќе ја определува смислата на македонската политика.
Македонија ќе покаже дека знае да ги цени позитивните вредности и ќе продолжи да чекори по патот на демократијата и меѓусебното почитување, како што тоа го правеше Борис Трајковски.
„БОРИС НЕ ИЗРАСНА СО ЖЕЛБА ДА СТАНЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“, ќе рече еден негов пријател, но Борис беше претседател и ќе се памети по убаво. Претседател кој генерациите ќе го споменуваат по добро.
Имаше далекусежна визија за земјата и регионот.
Посветуваше внимание на различни и значајни теми, но во неговите пораки преовладуваа љубовта, простувањето и помирувањето.
Борис Трајковски живееше за да ги зближува луѓето.
Имаше надеж за иднината.
Денес кога одбележуваме 10 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски, се сеќаваме и ја споделуваме тагата со неговите најблиски, семејството, сопругата и децата, утеха за тагата и болката бараме во неговиот исполнет живот, во посветеноста кон семејството, љубовта и разбирањето кон пријателите, добронамерноста и непоколебливиот патриотизам со кои претседателот Трајковски живееше.
Остави пример.
Не задолжи да го следиме патот кој значи безусловна посветеност кон сопствената држава.
Да се соединат различни луѓе од различно потекло и различни ставови, беше намерата на Претседателот Трајковски. Да се разберат меѓусебно и да се сплотат. Да ја споделат идејата и вредноста на мирољубието.

Драги пријатели,
На самиот крај сакам да завршам со уште една преубава мисла од претседателот Трајковски која ја илустрира неговата емотивна состојба, пожртвуваност за државата и неговото неприкосновено лидерство: - „ЈАС РАЗГЛЕДУВАМ ДВЕ РАБОТИ НА ДНЕВНА БАЗА: ШТО Е ПРАВИЛНО И ШТО Е ПОГРЕШНО ДА НАПРАВАМ КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МОЈОТ НАРОД. КОНСУЛТИРАЈЌИ ЈА МОЈАТА СОВЕСТ, СЕ ТРУДАМ СЕКОГАШ ДА СЕ ПРИДРЖУВАМ КОН ТОА ШТО Е ПРАВИЛНО. МОЈАТА ВИЗИЈА Е МИР. МОЈАТА ВИЗИЈА Е ПРОСПЕРИТЕТ. ВО СЛУЧАИТЕ КОГА МОРАМ ДА ДОНЕСАМ ТЕШКИ ОДЛУКИ ВО ИМЕ НА МОИТЕ ГРАЃАНИ, СЕКОГАШ СЕ ТРУДАМ ДА ГО ОДРЖАМ МИРОТ, ТОА Е ЗА МЕНЕ МНОГУ БИТНО. ВЕРУВАМ ДЕКА АКО СТЕ ЧОВЕК ОД ВИЗИЈА, ТОГАШ СТЕ ОСУДЕНИ НА УСПЕХ. МОРАМ ДА ГИ ОДНЕСАМ СИТЕ ГРАЃАНИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА КОН МИР И ПРОСПЕРИТЕТ.
МОРАМ ДА ГИ ВОДАМ СИТЕ ГРАЃАНИ КОН МОЈАТА ВИЗИЈА, НЕЗАВИСНО ОД ТОА КОЛКУ НЕ РАЗБРАН СУМ ВО МОМЕНТОВ ИЛИ КОЛКУ НЕ РАЦИОНАЛНО СУМ ТРЕТИРАН. НАЈБИТНО Е ДЕКА ИМАМ ЦЕЛ, ПА ВРЕМЕТО ЌЕ ПОКАЖЕ. ДОКОЛКУ УСПЕАМ ЌЕ ИМ ЈА ДОКАЖЕ ИСПРАВНОСТА НА МОЈАТА ВИЗИЈА НА МОИТЕ ГРАЃАНИ, ДО ТОГАШ СПРЕМЕН СУМ ДА ГИ ПРИФАТАМ СИТЕ ОБВИНУВАЊА, ПОГРЕШНИ ТВРДЕЊА И СЕТА БЕС – НО МОРАМ ДА УСПЕАМ“.
Денес по 10 години, времето ни ја докажува исправноста на оваа визија, а сите ние сме му во вечен долг за неговиот успех!
Денес сите негови успеси, победи и подвизи се запамтени како победи на сите нас, нашето достоинство како народ и нашата надеж се олицетворени во нашето сеќавање за неговиот живот.
Нашите демократски заложби и заложби за интегрирање на Македонија како достоинствен и горд член на Европската унија на народите, како и НАТО алијансата се врежани во нашите стратешки определби како негов најценет аманет.
Вечна слава.

Click