Собраниско раководство

Среда, 31 август 2016 година, Варшава 

Билатерални средби на претседателот Вељаноски за време на Парламентарниот состанок на земји од Централно-Источна Европа 

На маргините на Парламентарниот состанок на земји од Централно-Источна Европа што се одржа во Варшава, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски оствари повеќе билатерални средби со претседатели на парламенти кои учествуваа на состанокот.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски оствари средба со Претседателот на Сенатот на Република Полска, г. Станислав Каржевски. Претседателот Вељаноски се заблагодари за поканата и ја поздрави оваа инцијатива за одржување на состанок на ниво на претседатели на парламенти од Централна и Источна Европа. За време на средбата, соговорниците разговараа за актуелите предизвици со кои се соочува Европската Унија, но и Европа во целина. Домаќинот, г. Станислав Каржевски истакна дека набљудувајќи ги промените кои што се случуваат во Европската Унија, пред се одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, понатака миграциската криза и терористичките напади, војните во Украина и Сирија, ја наметнаа потребата од разговор помеѓу државите членки на Унијата и земјите кои претендираат за влез во Унијата. Република Полска смета дека Европската Унија треба да се развива како организација на суверени земји кои солидарно ќе соработуваат и ќе се поддржуваат. Домаќинот информираше дека темата и датумот на одржување на овој состанок е избран по повод 36 годишнината од формирањето на здружението Солидарност, здружение кое го победи комунизмот и ја поведе Полска кон демократија.

Претседателот на полскиот Сенат изрази сочуство за жртвите од катастрофалните поплави што го зафатија Скопје на 6 август оваа година.

Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија особено го цени принципиелниот став на Република Полска кон политиката на отворени врати за проширување на Европската Унија. Став кој во еден глас го зборуваат и останатите држави кои припаѓаат на Вишеградската група.

Освен со претседателот на Сенатот на Република Полска, претседателот Вељаноски оствари средба и со претседателот на Сејмот на Република Полска, г. Марек Кухчињски.

За време на средбата со претседателите на парламентите од Централна и Источна Европа, тој истакна дека Европската Унија поминува низ најголемата криза досега и притоа снемува самодоверба во справувањето со истата. Потребно е да се изнајдат решенија коишто ќе донесат преродба на принципите врз кои се темели Унијата, принципи коишто во последно време се ставени под знак прашалник.  Освен тоа, тој сугерира концепт на соработка на еднакви со еднаквите, слободни со слободните солидарни држави.

За време на средбата со претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Дарко Пајовиќ, се разговараше за актуелната состојба во двете земји. Г. Дарко Пајовиќ го запозна претседателот Вељаноски со политичката ситуација во Црна Гора, при што го истакна престојното одржување на парламентарни избори и моделот на подготовка и спроведување на истите.

Двајцата соговорници се согласија дека има простор за интензивирање на односите на двете земји како на парламентарен, така и на економски план. Претседателот Вељаноски го запозна својот црногорски колега за актуелните случувања во Македонија и упати отворена покана за посета  на висока парламентарна делегација од Црна Гора на Собранието на Република Македонија.

На маргините на Состанокот, претседателот Вељаноски оствари средба со претседателот на Големото народно Собрание на Република Турција, г. Исмаил Караман. Претседателот на турскиот парламени изрази сочувство за жртвите од поплавите кои го зафатија скопскот регион и посака брзо опоравување на повредените и санирање на штетите. Претседателот Вељаноски се заблагодари за помоштта во сите форми што пријателска Турција ја пружи на Македонија. На средбата, соговорниците разговараа за актуелните политички случувања во двете земји, при што се истакна дека и двете земји даваат заемна поддршка на демократски избраните власти. Турскиот претседател на парламентот упати отворена покана до својот македонски колега за официјална посета на Република Турција.

Click