Собраниско раководство

Петок, 30 септември 2016 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ГО ПРИМИ НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА РЕПУБЛИКА СЛОВЕНИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г. МИЛАН ЈАЗБЕЦ 

Претседателот Вељаноски денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, г. Милан Јазбец.

Во оваа прилика, претседателот Вељаноски изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадата на Република Словенија која се надева дека ќе продолжи и во иднина. Исто така, претседателот Вељаноски изрази благодарност за принципиелната поддршка која Македонија ја добива од Словенија во однос на евроатланската интеграција на земјата.

Претседателот Вељаноски го информираше амбасадорот Јазбец за неодамнешната средба со претседателот на Националното собрание на Словенија, г. Милан Брглеж, која се оствари во рамките на Пленарната сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во јуни оваа година, на која претседателот Вељаноски упати покана до претседателот Брглеж да ја посети Република Македонија.

Со цел продлабочување на парламентарната соработка помеѓу двете земји, амбасадорот Јазбец истакна дека претседателот на Националното собрание на Словенија планира посета по завршување на предвремените парламентарни избори во Македонија. Амбасадорот Јазбец изрази подготвеност да ја продолжи успешната работа на претходните амбасадори на Словенија во Македонија и истакна дека има многу идеи за идни проекти во повеќе области од заеднички интерес.

Тој посочи дека Словенија и Македонија се пријателски земји и затоа треба да се размислува за можни начини на идна соработка.

На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат Република Македонија и Република Словенија, но и Европа во целина, во однос на справувањето со мигрантската криза.

Исто така, стана збор и за актуелните политички случувања во двете земји.

На крајот на средбата, претседателот Вељаноски на амбасадорот Јазбец му посака успешен мандат и желба да понесе одлични впечатоци од Република Македонија.

Click