Собраниско раководство

Понеделник, 26 јануари 2015 година, Прага

Претседателот Вељаноски на 4. Меѓународен форум „Let My People Live!“

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, присуствуваше на отворањето на Четвртиот меѓународен форум „Let My People Live!“ во Прага, Чешка Република, по повод одбележување на 70-годишнината од победата над фашизмот и ослободувањето од логорите на смртта во Европа.

Форумот го отворија претседателот на Европскиот еврејски конгрес, г. Моше Кантор; претседателот на Сенатот на Парламентот на Чешката Република, г. Милан Штех; спикерот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, г. Јан Хамачек и премиерот на Чешката Република, г. Бохуслав Соботка.

Учесниците на овој меѓународен Форум разменија свои мислења и ставови на три панел дискусии за растот на антисемитизмот, расизмот и политичкиот и религиски екстремизам во Европа.

По повод 70-годишнината од сеќавањето на Холокаустот, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски изјави:

„Холокаустот е најтажната потврда за темната страна на човековата природа. Погромот на кој беше изложен еврејскиот народ во минатото претставува најцрна дамка за целото човештво, која треба постојано да нè опоменува и да нè потсетува. Македонскиот народ никогаш, ниту за миг, не бил дел од таквите оски на злото кои ги направија најголемите злосторства кои ги познава светот за време на Втората светска војна. Напротив! Затоа денес горди на ваквото свое минато, даваме свој влог во натамошниот развој на толеранцијата и на разбирањето со нашиот пријателски, еврејски народ чиј врв е секако, Музејот на Холокаустот во Скопје.

Во таа смисла, овој Меѓународен форум претставува продолжување на една историска тенденција на македонскиот народ за натамошен развој на разбирањето и на соработката помеѓу сите, независно од верската и од етничката припадност. Моето присуство на овој Форум е во функција на пренесување на оваа за нас многу важна порака во период кога верски втемеленото насилство и тероризмот, како оној во Париз овој месец, зема замав наспроти желбата за мир и за слобода“.

Во рамките на Форумот, претседателот Вељаноски се сретна со свои колеги, претседатели на парламентите, кои, исто така, се учесници на овој значаен настан.

Click