Собраниско раководство

Среда, 24 декември 2014 година

Работен состанок на претседателот Вељаноски со дипломатски претставници

Денеска во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари работен состанок со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва и мисии на Република Македонија во странство.
 
На работната средба присуствуваа и потпретседателот на Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за надворешна политика, г. Антонијо Милошоски и копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, г. Ќенан Хасипи.
 
Претседателот Вељаноски ги запозна присутните со моменталните случувања и работата на Собранието, како и со активности кои претстојат. Тој, заблагодарувајќи се на досегашниот ангажман и соработка со нашите дипломатски претставници, ја изрази својата лична подготвеност и подготвеноста и отвореноста на Собранието на Република Македонија за афирмирање и интензивирање на меѓупарламентарна соработка, особено на ниво на пратеничките групи за соработка.
 
На средбата се разговараше и за европската и евроатланската интеграција на Република Македонија, како врвен стратешки интерес и надворешно-политички приоритет, како и значајната улога која ја зазема Собранието на Република Македонија во овие процеси.
 
Македонските дипломати ги информираа присутните за актуелните случувања и состојби во државите и мисиите каде што ја претставуваат нашата држава и нејзините интереси. Беа потенцирани можностите за подобрување и продлабочување на односите на сите нивоа, со цел зацврстување на позицијата на Република Македонија на надворешно-политички план.
Click