Собраниско раководство

Вторник, 28 април 2015 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА МОНИТОРИНГ КОМИСИЈАТА НА ПССЕ

Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски денес оствари средба со Делегацијата на Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа во состав г.Стефан Шенах, претседател на Мониторинг Комисијата, г.Роберт Валтер, известител на пост-мониторинг дијалогот со Република Македонија и г.Андреас Грос, претседател на Групата на социјалисти на ПС.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и случувања во Република Македонија. Соговорниците разменија мислења за бојкотот на опозицијата на работата на Собранието како институција која има пресудно значење во градењето на демократијата и функционирањето на едно општество. Членовите на Делегацијата искажаа посебен интерес во однос на правната регулатива во Република Македонија која се однесува на учеството на пратениците во работата на Собранието и прашањето за одземање на пратеничките мандати.

Претседателот Вељаноски посочи дека како правник секогаш се залага за строго почитување на правните прописи во државата, меѓутоа како претседател на македонскиот парламент остава простор за развој на политичкиот дијалог. Исто така, претседателот Вељаноски искажа благодарност до ПС на СЕ за принципиелниот став за осуда на бојкотот на парламентот како чекор кој опозицијата го превзема во нејзиното политичко дејствување.

На крајот на средбата членовите на Делегацијата изразија надеж дека мостовите помеѓу различните етнички заедници се стабилни и се надеваат на позитивна разрешница на моменталната политичка состојба.

Click