Собраниско раководство

Вторник, 2 декември 2014 година 

Средба на претседателот Вељаноски со заменик-претседателот на Социјалистичка Република Виетнам, г-ѓа Нгујен Ти Доан

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со заменик-претседателот на Социјалистичка Република Виетнам, г-ѓа Нгујен Ти Доан. 

Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата, при што беше констатирано дека оваа посета претставува потврда за пријателските односи меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам, кои се основа во иднина да се развиваат во нагорна линија.

Заменик-претседателот Доан ја нагласи потребата за понатамошно интензивирање на посетите на високо ниво меѓу двете земји, со цел продлабочување на билатералната соработка. 
Двајцата соговорници изразија задоволство од соработката на мултилатерален план, која се одвива во рамките на Обединетите нации.

На средбата, соговорниците разменија мислења како може да се развие економската соработка и трговската размена помеѓу двете земји, која е на многу ниско ниво, а можностите не се доволно искористени. 

Претседателот Вељаноски истакна дека со подобрување на економската соработка на двете земји се овозможува унапредување на соработката во сите области, затоа Владата на Република Македонија постојано работи на подобрување на условите за бизнис заедницата и се насочува кон привлекување на странски инвестиции.

Двајцата соговорници ја нагласија отвореноста на двете страни за унапредување на економската соработка, што е на добар пат, а од големо значење за двете држави ќе биде Договорот за економска и трговска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Социјалистичка Република Виетнам, кој е веќе усогласен. 

Госпоѓа Доан истакна дека со потпишување на Договорот за одбегнување на двојно оданочување и превенција на фискална евазија по однос на даноците од доход и капитал и Договорот за промоција и заштита на инвестиции меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам, се отвора можност за формирање на правна рамка за понатамошна соработка.

Претседателот Вељаноски ја нагласи важноста на Спогодбата за укинување на визите за носителите на дипломатски и службени патни исправи, која е склучена меѓу двете земји и нејзиното влијание на понатамошната политичка и економска соработка. 

На средбата, претседателот Вељаноски изрази подготвеност за унапредување на парламентарната соработка помеѓу двете земји, особено затоа што парламентарната дипломатија секогаш може да помогне во јакнењето на соработката помеѓу две земји во сите области.

Двајцата соговорници ја нагласија потребата да се формираат пратенички групи за соработка во двата парламенти и потребата да се поттикне соработката помеѓу комисиите на Собранието на Република Македонија и Националното собрание на Виетнам. 

За таа цел, заменик-претседателот Доан ја пренесе поканата од претседателот на Националното собрание на Виетнам до претседателот Вељаноски за официјална посета на Социјалистичка Република Виетнам, заедно со делегација од пратеници на Собранието.

На средбата се разговараше за актуелните случувања, како во регионот, така и во светски рамки. Двајцата соговорници разговараа и за моменталните случувања во двете земји.

Средбата беше завршена со изразена отвореност и подготвеност за соработка на сите нивоа и продолжување на пријателството кое постои помеѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам.

Click