Собраниско раководство

Вторник, 17 февруари 2015 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО  КОМЕСАРОТ ЗА ЕВРОПСКА СОСЕДСКА ПОЛИТИКА И ПРЕГОВОРИ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА, Г. ЈОХАНЕС ХАН 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Вељаноски оствари средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, г. Јоханес Хан. На почетокот на средбата претседателот Вељаноски искажа задоволство од посетата на комесарот, при што нагласи дека ваквите средби се одлична можност за разменување на мислења и ставови што е од големо значење за Република Македонија, особено во насока на остварување на една од приоритетните цели на државата, а тоа е интегрирање на земјата во Европската унија.

На средбата се разговараше за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија, за актуелните случувања во државата и тековните активности на Собранието на Република Македонија.

Комесарот за проширување на Европската унија, г. Хан истакна дека неговата денешна посета е со цел да се нагласи заинтересираноста на Европската унија и нејзините институции за што поскоро надминување на моменталните несогласувања настанати на политичко ниво. Комесарот потенцираше дека Европскиот парламент е спремен да помогне со свое надворешно посредување доколку тоа би придонело во надминување на актуелната состојба.

Претседателот Вељаноски посочи дека можеби доколку се одржи заедничка средба на македонските политички партии заедно со сестринските европски партии ќе почне полека да се работи на враќање на довербата помеѓу нив, што е основа за понатамошниот дијалог и надминување на несогласувањата.

Двајцата соговорници се согласија дека работата на Собранието и неговиот придонес во функционирањето на една држава е од исклучително значење од што произлегува потребата тоа да работи со полн капацитет.
Претседателот Вељаноски истакна дека досега сите пратеници заеднички работеле за постојано зајакнување на капацитетите на Собранието, за што секоја година Собранието на Република Македонија добива позитивна оценка во Извештајот на Европската унија. Претседателот Вељаноски уште еднаш изрази надеж дека опозицијата ќе прифати да се врати и конструктивно да учествува во работата на Собранието.

Комесарот Хан се согласи дека во едно зрело демократско општество дебатата треба да се одвива во парлементот бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент да се изразат мислењата и ставовите. Тој истакна дека очекува сите политички партии да придонесат во приближувањето на различните ставови и се надева дека опозицијата ќе се приклучи во работата на Собранието.

На крајот на средбата двајцата соговорници изразија надеж дека денешната посета и средбите на комесарот со сите засегнати фактори ќе бидат поттикнувачки импут во подобрување на политичката клима во државата.

Click