Собраниско раководство

Вторник, 17 февруари 2015 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО НОВОИМЕНУВАНИОТ АМЕРИКАНСКИ АМБАСАДОР ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Н.Е. ЏЕС БЕЈЛИ 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денес го прими новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Н.Е.Џес Бејли. На средбата претседателот Вељаноски искажа задоволство од постигнатото ниво на пријателски односи меѓу двете држави и од поддршката која Соединетите Американски Држави ѝ ја даваат на Република Македонија за која смета дека е искрена. 

Претседателот Вељаноски искажа убедување дека како и со претходните амбасадори на САД така и сега ќе продолжи успешната комуникација и соработка. Таа соработка ќе биде унапредена во периодот кој следи, како во однос на продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете земји, така и во однос на други прашања значајни за двете страни. Амбасадорот Бејли потенцираше дека Соединетите Американски Држави искрено ќе продолжат да ги поддржуваат сите значајни демократски процеси, како и што поскорешно зачленување на Република Макдеонија во НАТО и Европската унија. 

На средбата се разговараше и за повеќе актуелни прашања, како и за политичката состојба во Република Македонија, каде двајцата соговорници беа согласни дека недоразбирањата и политичките ставови треба да се искажуваат во институциите, односно во Собранието на Република Македонија како највисок законодавен дом каде народот е претставен преку пратениците. Амбасадорот Бејли, истакна дека е важно да се превземаат мерки за подобрување на севкупниот имиџ на парламентот и државата, а за тоа е потребно да постои дијалог за решавање на проблемите. Претседателот Вељаноски истакна дека тој ќе ги употреби сите инструменти во негова надлежност, почитувајќи го Уставот, Законот за Собранието и Деловникот за што поскорешно разрешување на оваа политичката состојба и враќање на пратениците кои се во оставка. 

На крајот на средбата претседателот Вељаноски му посака успешна понатамошна работа на Амбасадорот Џес Бејли.

Click