Соопштенија

Петок, 27 мај 2016 година

МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ВО БРИСЕЛ

Во организација на Директоратот за општи и надворешни политики на Унијата, односно Одделението за активности пред пристапувањето, на 30 и 31 мај 2016 година во Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија се одржува Меѓу-парламентарна конференција на тема: „Интеракцијата меѓу политичките групи, партиите и владата во процесот на простапување во ЕУ". 

Од Собранието на Република Македонија на овој настан учествуваат пратениците: Сашо Василевски, Лидија Димова, Талат Џафери и Имер Алиу. 

На конференцијата, ќе се дискутира за политичките партии во парламентот, во контекст на улогата на мнозинството и опозицијата и искуствата на конструктивна опозиција, улогата на политичките семејства во партиската динамика, парламентарната контрола врз владата и поддршката на владата, транспарентноста и одговорноста, парламентарниот кодекс на однесување и интересите на групите и лобистите, како и за  поврзување на парламентарците со граѓаните, социјалните движења и демократските средства.

Состанокот ќе биде отворен од страна на претседателот на Партијата на Европски социјалисти во Европскиот парламент, г. Сергеј Станишев, а предвидено е учество на европратениците Тања Фајон, потпретседател на Групата на Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, г-ѓа Габи Цимер, претседател на Европската обединетата левица - зелена нордиска левица во Европскиот парламент, г. Мортен Месершмид, потпретседател на Европските конзервативци и реформисти во Европскиот парламент, г. Кнут Флекенштајн, потпретседател на Групата на Прогресивна алијанса на социјалисти и демократи, како и г-ѓа Данута Хубнер, претседател на Комисијата за уставни прашања и г-ѓа Барбара Спинели, потпретседател на Комисијата за уставни прашања во ЕП и г. Едуард Кукан, претседател на работната група за Западен Балкан на Комитетот за надворешни работи на ЕП. На конференцијата ќе  учествуваат и претставници од националните парламенти на земјите од Западен Балкан и Турција, со цел да се споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен.  

Click