Соопштенија

Вторник, 8 март 2016 година

Николоски денеска ќе претседава со Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ 

Пратеникот Александар Николоски, во својство на прв потпретседател ќе претседава со Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа на 8 март во Париз, а на 9 и 10 март ќе учествува во работата на Мониторинг комисијата.

Николоски беше избран за прв потпретседател на Комисијата за политички прашања и демократија во јануари 2016 година, со мандат од една година. Ова е првпат пратеник од Република Македонија да претседава со оваа значајна комисија. Комисијата, во која членуваат шефовите на националните делегации, ги разгледува сите политички прашања кои се во надлежност на Организацијата и поднесува извештаи за итни ситуации и политички кризи во земјите-членки на Советот на Европа. 

Комисијата ги разгледува барањата за членство во Советот на Европа, барањата за признавање на статус на набљудувач и барањата за статус на партнер за демократија со Парламентарното собрание, како и прашања во врска со состојбата на демократијата и на функционирањето и развојот на демократските институции во Европа. Комисијата, исто така, подготвува извештаи за активностите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Дневниот ред на комисијата предвидува размена на мислења за состојбата на демократијата и владеењето на правото во Полска со претставници на владејачката коалиција и опозицијата, како и со претставници на граѓанското општество и медиумите, евалуација на партнерството за демократија во однос на Палестинскиот национален совет, состојбата во Либан и предизвиците врз стабилноста во регионот и европската безбедност, корупцијата како режим на владеење: бариера за ефикасноста на институциите и напредокот, политичките случувања во Иран и политичките последици од кризата во Украина. 

Николоски во Париз ќе учествува во работата на Мониторинг комисијата на чиј дневен ред се темите: пост-мониторинг дијалогот со Турција, прелиминарни нацрт-извештаи за земјите кои не се во мониторинг постапка, ниту се вклучени во пост-мониторинг дијалог, како и состојбата во Украина и во Република Молдавија. На маргините на состаноците Николоски ќе оствари повеќе билатерални средби со членовите на Комисијата за политички прашање и демократија и на Мониторинг комисијата.  

Click