Соопштенија

Четврток, 30 јуни 2016 година

Собраниска делегација на 25. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од пратеникот г. Владимир Ѓорчев, член  на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), ќе учествува на 25. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 1 до 5 јули 2016 година во Тбилиси, Грузија. 

Главна тема за дискусија на сесијата е: „25 години парламентарна соработка: градење на доверба преку дијалог“, со којашто Парламентарното собрание на ОБСЕ ќе одбележи четврт век од своето постоење. 

На сесијата се очекува учество на околу 300 пратеници од 57 земји учеснички и партнери за соработка на ОБСЕ. 

Во рамките на годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ, пленарна седница и други придружни настани.

 Во дневниот ред се вклучени прашања во врска со борбата против корупцијата, правата на бегалците, кризата во и околу Украина, долготрајните конфликти во Грузија, основните слободи во Крим, неонацизмот во Европа, укинувањето на санкциите против пратениците, зацврстување на механизмите за рано предупредување на ОБСЕ и сл.

Пред пратениците на Годишната сесија на ПС на ОБСЕ ќе се обратат: г. Давид Усупашвили, претседател на Парламентот на Грузија, г. Ѓорѓи Маргвелашвили, претседател на Грузија, г. Ѓорѓи Квирикашвили, премиер на Грузија, г. Франк-Валтер Штајнмаер, министер за надворешни работи на СР Германија и претседавач со ОБСЕ, г. Илка Канерва, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и др.

На седницата на Постојаниот комитет е предвидено обраќање на г. Владимир Ѓорчев во врска со Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2016 година во Скопје, Република Македонија. Во  функција на подготовка на претстојната Есенска сесија, предвидено е Делегацијата да одржи состаноци со претставници на Бирото и на Меѓународниот секретаријат на ПС на ОБСЕ.

Се очекува на сесијата да биде усвоена „Декларација од Тбилиси“, со препораки за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права, упатени до ОБСЕ и земјите учеснички.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click