Собраниско раководство

Понеделник, 10 декември 2018 година

Претседателот Грамоз Ручи во официјална посета на Република Македонија

На покана од претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, Делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Грамоз Ручи, е во официјална посета на Република Македонија. Претседателот на Собранието, г. Ручи, беше дочекан со високи државни почести, а првата средба на оваа официјална посета се оствари со домаќинот, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери. 

Посакувајќи му добредојде на својот хомолог, претседателот Џафери истакна дека за него претставува особена чест да оствари средба со земја  пријателска Албанија, со која имаме одлични билатерални и мултилатерални односи и потенцираше дека парламентарното мнозинство се залага за добрососедска политика и евроатлантска интеграција. Притоа, ја поздрави поддршката што Република Албанија како членка на НАТО ѝ ја дава на Република Македонија и изрази надеж дека оваа поддршка ќе продолжи со зголемен интензитет особено во претстојните месеци кога се очекува финализирање на евроатлантската интеграција на Република Македонија со нејзино полноправно членство во НАТО.

Во однос на евроинтеграциските процеси на двете земји, и двајцата претседатели истакнаа дека е потребна континуирана взаемна поддршка, бидејќи иднината на Западниот Балкан е влез во големото европско семејство на сите земји кандидати од овој регион. 

Двајцата соговорници разговараа за актуелните случувања во двата парламента, како и за предвидените парламентарни активности во наредниот период и заеднички констатираа дека двата парламента треба да ја зајакнат соработката на ниво на групи за соработка, комисии и на административно ниво.

Претседателот Ручи истакна дека се посветува посебно внимание на малцинствата кои живеат во Албанија, а за тоа добар пример е македонското малцинство во Пустец. Исто така, претседателот Ручи посебен акцент стави на големите предизвици кои Република Македонија ги надмина со успех, како што е референдумот, Законот за јазици, Договорот со Грција, кои се пример и патоказ за една земја која умее да покаже дека е подготвена за полноправно членство во Европската Унија. 

За време на средбата се истакна дека двете соседни земји споделуваат заеднички интереси во многу области, и во таа насока од големо значење се економските, инфраструктурните и енергетските проекти, како што е изградбата на патот Ќафасан - Елбасан како дел од Коридорот 8, автопатот Елбасан – Дебар, како и железничката врска меѓу двете земји, проекти коишто се во завршна фаза.

Двајцата соговорници се согласија дека оваа официјална посета е продолжение на одличната соработка на парламентарно ниво, при што ги охрабрија парламентарните групи за соработка на двата парламента да ги интензивираат односите. 

Претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Грамоз Ручи, се потпиша во книгата за впечатоци. 

По завршување на средбата, двајцата претседатели дадоа изјави за медиуми. 

Click