Собраниско раководство

Понеделник, 27 ноември 2017 година, Стокхолм

Средба на претседателот Џафери и собраниска делегација со г-ѓа Ева-Луиз Ерландсон Слорах, градоначалничка на Стокхолм

Во рамките на официјалната посета на Кралството Шведска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери и пратениците Фросина Ташевска-Ременски, Ејуп Алими и Фадил Зендели, беа во посета на Градската управа на Стокхолм, каде што г-ѓа Ева-Луиз Ерландсон Слорах, градоначалничка на Стокхолм, им ја презентираше работата и функционирањето на Градскиот совет на Стокхолм. 

Тоа е пример на град кој во последните децении доживува вистинска ренесанса во поглед на одржливоста, урбаното живеење, почитувањето на културните различности и заштитата на човековата средина. 

Притоа, делегацијата имаше можност да се запознае со Проектот Визија за Град Стокхолм 2040, конципиран врз начелата на модерното живеење и благосостојбата на сите жители на Стокхолм, со максимално почитување на строгите и високи еколошки стандарди.

Претседателот на Собранието, г. Џафери, се заблагодари на континуираната и силна поддршка од страна на Кралството Шведска за Република Македонија на патот кон евроинтеграцијата на земјата и истакна дека Владата и Собранието посветено работат на реформските приоритети и на зајакнувањето на соработката со соседите. Претседателот ги изрази нашите очекувања следната година да добиеме безусловна препорака од Европската комисија за започнување на претпристапните преговори, како и членство во НАТО.  

Госпоѓата Ерландсон Слорах информираше дека Стокхолм е најбрзорастечки и прв најзелен град во Европа со милион жители, а секоја година се доселуваат нови 20.000. Тоа е добра можност, меѓутоа и голем предизвик, и за Советот и за градоначалникот. Минатата година згрижиле 4000 мигранти, од кои 400 биле деца без родителска придружба. 

Осврнувајќи се на мигрантската криза која го погоди целиот европски континент, г. Џафери потенцираше дека Република Македонија, како земја која не е членка на ЕУ, се најде на мигрантската рута, но со максимални напори, во тесна соработка со Фронтекс и земјите членки на ЕУ, успеа да го запре мигрантскиот бран.  

На средбата беа споделени видувања за можноста од поблиска соработка меѓу Скопје и Стокхолм, како и за заемните очекувања за што повеќе градови од Република Македонија да станат полноправни членки во Мрежата на европски градови – Eurocities. 

Click