Собраниско раководство

Понеделник, 17 декември 2018 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ЕВРОПРАТЕНИКОТ КУЛОГЛУ И ДОБИТНИЧКАТА НА НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР ЗА 2015 ГОДИНА, БУШАМАУИ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери денеска оствари средба со европратеникот Стељос Кулоглу и добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, г-ѓа Видет Бушамауи. На средбата присуствуваше и ректорот на Универзитетот ФОН и поранешен амбасадор на Република Македонија, проф. д-р Нано Ружин. 

Претседателот Џафери ја поздрави причината и целта на нивната посета, кои се остваруваат во вистински момент кога во Собранието на Република Македонија се во тек активностите за заокружување на започнатите процеси за евроатланска интеграција на земјата, а тоа е - номинацијата на премиерите Заев и Цирпас за Нобелова награда за мир. Тој истакна дека и покрај одличните економски односи меѓу двете земји, со оглед на фактот што Република Грција е четврт најголем инвеститор во Република Македонија, сепак отворените политички прашања негативно се одразиле на политичките билатерални односи досега и тоа само докажало дека отворените прашања, доколку се остават нерешени подолг период, генерираат пречки.

Во продолжение, претседателот на Собранието ги информираше присутните за реформските процеси од Планот 18 и за претстојниот пакет на закони за донесување во доменот на судството, безбедносниот сектор и администрацијата, како дел од предусловите за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. На крај, тој изрази надеж дека по реализацијата на потребните процедури во двата парламента, повторно ќе има средба со својот колега Вуцис, за конкретизирање на идната билатерална соработка на сите нивоа, и дека ваквите чекори ќе придонесат за мир и стабилност на целиот регион и ќе служат како пример, особено во контекст на актуелните случувања во соседството. 

Бушамауи изрази поддршка за мирот, стабилноста и безбедноста и ги пофали напорите на двете страни за избегнување на конфликти и за изнаоѓање мирно решение на отворените прашања, покажувајќи на тој начин дека проблемите можат да се решаваат преку дијалог. Таа ја потенцираше важноста двата парламенти да ги завршат започнатите активности, бидејќи овој модел е високо ценет од меѓународната заедница и истиот треба да служи како инспиративна лекција за целиот регион. 

Европратеникот Стељос Кулоглу ја повтори поддршката на сите политички партии во Европскиот парламент за Договорот од Преспа, за кој што нагласи дека беше потребна политичка храброст, и покрај блокадите во двете држави од одредени политички партии. Во однос на ратификацијата од страна на грчкиот парламент, тој потенцираше дека процедурата ќе биде завршена во рок од неколку дена, веднаш по завршувањето на процедурата во Собранието на Република Македонија, со што ќе може да се деблокираат процесите за евроатланска интеграција на земјата. 

Click