Собраниско раководство

Вторник, 2 јули 2019 година

Средба на претседателот Џафери со г. Антонио Мисироли, заменик-генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со г. Антонио Мисироли, заменик-генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот на Собранието, г. Џафери, на почетокот на средбата изрази голема благодарност за поддршката што НАТО Алијансата ја дава на Република Северна Македонија. Во овој маратонски процес низ 18-годишни планови за членство, сега земјата поминува уште еден маратон во процесот на ратификацијата на Пристапниот протокол од страна на земјите членки. Досега, за 4 месеци е ратификуван од 18 парламенти, и со оваа динамика се очекува финализацијата на процесот за полноправно членство во НАТО да заврши до крајот на оваа година.

Претседателот Џафери подвлече дека во сите негови досегашни државни функции бил активно вклучен во прилагодувањето на државната структура кон стандардите на НАТО, особено во кризниот менаџмент и координацијата меѓу институциите во справувањето со безбедносните предизвици. Тоа подразбира Република Северна Македонија да ја покаже својата подготвеност да ги прифати обврските од членството во НАТО, кои подразбираат буџетски, воени, одбранбени, формациски, организациони и структурни реформи. Сајбер одбраната носи и соодветни промени на законската регулатива во овој домен, како и реално зајакнување и прилагодување и на самата електронска, дигитална и технолошка инфраструктура на самите безбедносни системи, во одбраната, војската, државните институции, секторот разузнавање и национална безбедност.

Претседателот изрази очекување дека во оваа сложена процедура ќе имаме стручна и техничка помош и поддршка од специјализираните НАТО структури, но и од НАТО земјите членки, како во заштитата на безбедносните системи така и во аспектот координација.

Господин Мисироли изрази задоволство од досегашните постигнувања на Република Северна Македонија на планот на евроатланската интеграција и поентираше дека последната милја од маратонот е веќе започната и се гледа финалниот резултат - полноправното членство во Алијансата до крајот на оваа година. Истовремено изрази и очекување дека во октомври ќе биде доделен датум за отпочнување преговори со Европската унија, со што земјата ќе ги заокружи повеќедецениските интеграциски процеси во НАТО и ЕУ. Го радува фактот што државните институции покажуваат голема подготвеност соодветно да одговорат на новите безбедносни предизвици и хибридните закани, како во воената и одбранбената сфера, така и во цивилниот сектор и кризниот менаџмент. Понуди и конкретна стручна помош и поддршка од НАТО специјализираните тимови, во рамките на Програмата на НАТО за мир и безбедност.

Соговорниците разговараа и за значењето и улогата на парламентарната дипломатија, активната меѓународна соработка и вклученост и визибилност на Собранието на меѓународните парламентарни и интерпарламентарни настани и форуми, како и успешното менаџирање на внатрешниот баланс меѓу политичките сили во земјата, а се во насока на градење на функционален парламент и силна и просперитетна Република Северна Македонија, како респектирана држава идна членка на НАТО и Европската Унија.  

Click