Собраниско раководство

Четврток, 13 септември 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г. Дитмир Бушати, министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска го прими г. Дитмир Бушати, министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија.

На самиот почеток, претседателот Џафери истакна дека ваквите средби на високо ниво се од особено значење за развојот на односите меѓу двете пријателски и соседни земји и дека Република Македонија високо ја цени поддршката што Република Албанија ја дава во насока на интегрирањето на нашата земја во евроатлантските структури. Секако, на овој план, двете земји треба заеднички да се поддржуваат и помагаат, ако се има предвид дека целта на целиот Регион е да стане дел од големото европско семејство. 

Двајцата соговорници заеднички констатираа дека двата Парламента треба да ја зајакнат соработката на ниво на Групите за соработка, Комисиите и собраниските служби. Посебен акцент се стави и на меѓувладината соработка.  

Министерот Бушати изрази верба во успешна реализација на претстојниот референдум во Република Македонија со кој ќе се заокружи уште една фаза во надминување на последната пречка за полноправно членство во НАТО.

На средбата беа споменати многу области во кои двете соседни земји споделуваат заеднички интереси од големо значење, како што се проектите коишто се во завршна фаза, односно изградбата на патот Ќафасан - Елбасан, како дел од Коридорот 8, Автопатот Елбасан – Дебар и железничкото поврзување меѓу двете земји. 

Click