Собраниско раководство

Петок, 29 јуни 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Дуда Балје, претседателка на Комисијата за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица и петиции од Република Косово

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г-ѓа Дуда Баље, претседателка на Комисијата за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица и петиции од Република Косово и членовите на истата комисија.

На почетокот на средбата, претседателот Џафери ѝ посака добредојде на Делегацијата од Република Косово и искажа големо задоволство од реализирање на оваа средба, при што особено истакна дека средбите на парламентарно ниво претставуваат основа за понатамошно продлабочување на добрите билатерални односи меѓу двете земји. 

Понатака, претседателот на Собранието на Република Македонија накратко ги информираше членовите на Комисијата за активностите на Собранието за главниот фокус на саканите измени во функционирањето на Собранието, со една единствена цел, а тоа е враќање на вистинската, со Устав утврдена, улога на законодавната власт, која во своето функционирање треба да биде независно од финансиски, безбедносен и од аспект на посебен закон за собраниската служба која по начинот на работење се разликува од останатата администрација. 

Покрај тоа, претседателот Џафери зборуваше и за ангажманот на Владата на Република Македонија во постигнување на добрососедски односи со сите соседи, каде покрај потпишувањето на Договорот со Бугарија, го спомна и неодамнешното постигнување на заемно прифатливо решение за спорот со името со Република Грција, и сето тоа  во насока на исполнување на потребните предуслови за добивање на покана за полноправно членство во ЕУ и НАТО, што се утврдени стратешки цели на Република Македонија уште од осамостојувањето.

Пратеничката од Косовскиот парламент, г-ѓа Балје, се заблагодари за континуираната поддршка што Република Македонија ја дава на Република Косово, во нејзините напори за етаблирање на меѓународната сцена, а особено за парламентарната поддршка. Таа изрази желба и надеж ваквата соработка да продолжи и во иднина со уште поголем интензитет, а Групите за пријателство во двата Парламента да бидат добра основа за развивање на тие односи, за размена и добивање на искуства. 

Со оглед на тоа што, како што рече г. Џафери, дека меѓу двете земји е изградена богата нормативно-правна рамка, а покрај тоа врските помеѓу граѓаните од двете страни се на повеќе нивоа, нема никаква пречка за унапредување на економската соработка и трговската размена и на крајот на средбата, соговорниците се согласија дека ќе продолжат со остварување на редовните контакти и редовните заемни посети.  

Click