Собраниско раководство

Понеделник,17 септември 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Елизабета Трента, министерка за одбрана во Владата на Италијанската Република

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери денес оствари средба г-ѓа Елизабета Трента, министерка за одбрана во Владата на Италијанската Република која е во официјалната посета на Република Македонија. На средбата, покрај претседателот на Собранието, присуствуваа и двајцата потпретседатели Ременска и Мисовски и членовите на Комисијата за одбрана.

На почетокот на заедничката средба, претседателот Џафери изрази задоволство од извонредните и пријателски односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република. Тој истакна дека особено се цени фактот што Италија силно ја поддржува нашата земја во рамките на Берлинскиот процес, на мултилатерален план и воопшто во севкупните евроатлански интеграции на Република Македонија.

Во продолжение, претседателот ја запозна гостинката со актуелностите во однос на референдумскиот процес чиј овластен носител е токму Собранието на Република Македонија. Притоа, изрази очекување дека покрај силната меѓународна поддршка, и граѓаните на Република Македонија ќе го препознаат историскиот момент и дека Република Македонија нема да има друга шанса да направи силен исчекор напред во Европската унија и НАТО. 

Претседателот на Комисијата за одбрана, г.Хари Локвенец, ја запозна г-ѓа Трента со Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Република Македонија во НАТО, што неодамна беше едногласно донесена од Собранието на Република Македонија. Истакна дека, Стратешкиот одбранбен преглед ги отсликува реалните можности и проекции за одбраната на земјата, како и издвојувањето на 2% од Буџетот за одбранбените сили. Во однос на реформите во безбедносниот сектор, тој истакна дека тие подразбираат и  зајакнување на довербата на граѓаните во безбедносните и сите други државни институции. 

Министерката Трента подвлече дека, дијалогот, консензусот во одлучувањето и во носењето на стратешките одлуки се клучни за стабилна демократија. Истакна дека Италија и понатаму ќе дава силна поддршка на Република Македонија, бидејќи регионот на Западен Балкан отсекогаш бил во фокусот на секоја италијанска влада. Верува дека исто како што сме имале заедничка историја, така ќе имаме и заедничка иднина во Европската унија и НАТО. Потенцираше дека евроатланската интеграција на Република Македонија е процес кој не е само интеграција, туку истовремено и транзиција на целокупното општествено живеење и градење на стабилна држава, во која странските инвеститори секогаш ќе имаат интерес да вложуваат. 

Соговорниците споделија видувања и за натамошното развивање на билатералните односи и поинтензивна меѓупарламентарна соработка.

Click