Собраниско раководство

Понеделник, 11 февруари 2019 година

Средба на претседателот Џафери со г. Миро Церар, министер за надворешни работи на Република Словенија

Во рамки на официјалната посета на Република Словенија, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, се сретна со министерот за надворешни работи на Република Словенија, г. Миро Церар.

На почетокот на средбата, министерот Церар изрази задоволство што неколку месеци по неговата официјална посета на Република Македонија има чест да го прими претседателот Џафери во неговиот кабинет и тоа во историски момент за нашата земја, во пресрет на утрешната ратификација на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Словенија. Тој истакна дека Република Словенија безусловно ја поддржува Република Македонија во сите нејзини напори на билатерален и мултилатерален план уште од нејзината независност.Тој укажа дека во таа насока ќе продолжи и во иднина особено кога станува збор за отпочнувањето на процесот за преговори за членство во Европската унија.  

Претседателот Џафери изрази благодарност за поддршка од Република Словенија и притоа изрази задоволство од продуктивната заедничка соработка. Тој истакна дека Република Македонија и покрај тоа што беше оценета како земја која ги исполнува стандардите за членство во НАТО уште од 2008 година, поради спорот со името, долго стоеше пред вратите на НАТО и Европската Унија. Во продолжение претседателот потенцираше дека парламентарното мнозинство и Владата успешно ги надминаа отворените прашања со соседите, при што беа затворени две прашања: со Република Грција и Република Бугарија. Сега се очекува со ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на националните парламенти од земјите членки, најдоцна до почетокот на 2020 година да станеме членка на НАТО.

Министерот Церар потенцираше дека примерот на Република Македонија во насока на унапредување на односите со соседите и надминување на отворените прашања на мирен и конструктивен начин е позитивен како за целиот регион така и за идните генеарции затоа што ќе им овозможи да живеат во мирна и безбедна средина, интегрирана во НАТО и ЕУ.
Претседателот Џафери истакна дека парламентот работи посветено во насока на исполнување на сите неопходни реформи со активна вклученост на  опозицијата. Тој го потенцираше позитивниот извештај од страна на

Европската комисија и одредувањето на датум за преговори од страна на Советот на ЕУ. Исто така претседателот Џафери го запозна министерот со актуелните активности во Собранието, при што истакна дека во моментов во нашата земја се одвива процесот на скрининг, по што следи и усогласувањето на домашното законодавство со тоа на ЕУ. Претседателот Џафери потенцираше дека сега е време да се искористи овој историски момент и да продолжиме понатаму да работиме во насока на зајакнување на економијата, подобрување на благосостојбата на граѓаните, квалитетот на образованието, здравството и сите други аспекти кои го засегаат секојдневниот живот. 

На крајот на средбата, двајцата соговорници истакнаа дека е потребно да се зајакне меѓусебната поддршка и да се продлабочи соработката меѓу двете земји во повеќе области преку размена на искуства и заемни посети.  

Click