Собраниско раководство

Понеделник, 18 декември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, г. Петер Зијарто  

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, г. Петер Зијарто. 

Претседателот Џафери, посакувајќи му добредојде на гостинот, изрази задоволство од пријателските односи помеѓу двете земји, со констатација дека немањето отворени прашања претставува добра основа за градењето и понатамошното продлабочување на соработката на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво. 

Претседателот го информираше г. Зијарто за неговото учество на Конференцијата на Претседатели на Парламенти во Будимпешта, која традиционално се организира од неговиот колега од Унгарскиот парламент. г. Ласло Ковер, со кого имаше и билатерална средба. Притоа, претседателот на Собранието упати усна покана до г. Ковер за посета на Собранието на Република Македонија во текот на 2018 година. 

Во продолжение, претседателот Џафери изрази голема благодарност за помошта и подршката на Унгарија, која заедно со другите членки на Вишеградската група, Словачката Република, Полска и Чешка, пружија и сè уште пружаат максимална помош на Република Македонија во нејзините напори за справување со мигрантскиот бран, бидејќи Македонија се најде на таканаречената Балканска рута на мигрантите. 

Во текот на разговорот, претседателот на Собранието го информираше министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија дека членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ останува и понатака врвен државен, политички и стратешки приоритет на што г. Зијарто одговори дека Унгарија ќе биде најсилен глас и поддржувач на интегрирањето на Македонија во овие структури, бидејќи смета дека се исполнети сите потребни критериуми за полноправно членство. На тоа претседателот Џафери го извести гостинот за потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и за интензивираната комуникација со Република Грција во насока на постигнување на заемно прифатливо решение во однос на спорот со името, со надеж овие напори да вродат со плод, односно Извештајот за напредокот на Република Македонија да биде позитивен, без дополнителни услови, а на Самитот на НАТО, Македонија да добие покана да стане 30-та членка на оваа безбедносна структура. 

Министерот Зијарто се заблагодари на можноста за денешната средба и укажа дека за него средбите со парламентарците се најбитни, бидејќи парламентите се местата каде што се ратификуваат меѓународните договори, а со тоа и државните политики.

На крајот, гостинот му посака на претседателот успех во работата и постигнување на конструктивна атмосфера во Парламентот, со цел да се помогне Владата и државата во постигнување на стратешките цели, со што ќе се придонесе во економската и секаква друга благосостојба на граѓаните на Република Македонија.

Click