Собраниско раководство

Четврток, 19 април 2018 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г. Исмаил Кахраман

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, во придружба на пратениците: г. Весел Мемеди, потпретседател на Собранието; г. Енес Ибрахим, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција и г. Јусуф Хасани, член на Пратеничката група за соработка, денеска ја започна официјалната посета на Република Турција со посета на Мавзолејот на Ататурк, каде положи венец и се потпиша во Златната книга.

Во продолжение, претседателот Џафери оствари tête-à-tête средба со домаќинот, г. Исмаил Кахраман, претседател на Големото национално собрание на Турција, по што беше одржана билатерална средба на ниво на парламетарни делегации и со истата претседаваа претседателите на двата парламента.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, на почетокот од средбата изрази задоволство од реализирањето на официјалната посета, како и од интензитетот на политичката соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, односно бројните средби на највисоко ниво. Истовремено, тој се заблагодари  за доследната и конструктивна поддршка на Турција и за солидарноста со Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, особено за силната поддршка за членството на Република Македонија во НАТО. Претседателот на Собранието нагласи дека очекуваме уште позасилена поддршка од Турција за добивање на заслужената покана за членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата во јули годинава во Брисел.

Претседателот на Големото национално собрание на Турција, г. Исмаил Кахраман, изрази надеж за понатамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Големото национално собрание на Турција. Тој се заблагодари на констуктивната улога на Собранието на Република Македонија во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, односно предлогот за компромисно решение, со цел за надминување на долгогодишниот застој за изнаоѓање решение за седиште на Секретаријатот на ова парламетарно собрание. Истовремено, тој даде поддршка на реформските процеси и добрососедските политики што ги води Република Македонија.

На средбата се разменија мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што беше оценето дека севкупните односи меѓу двете земји се карактеризираат со дух на традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, толеранција, активна соработка и партнерство.

Соговорниците истакнаа дека интензивните и добри политички односи отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка. Потребно е проблабочување и на успешната соработка меѓу двете земји во полето на одбраната, внатрешните работи, културата, правдата, земјоделството, шумарството и водостопанството, локалната самоуправа, здравството, спортот, животната средина, трудот и социјалната политика и сл.
Двете страни со задоволство констатираа дека пријателските односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарната соработка, како на билатерално ниво, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, положи свежо цвеќе и во делот на Парламентот којшто беше оштетен при обидот за државен удар на 15 јули 2016 година во Република Турција, во спомен на загинатите.

Click