Собраниско раководство

Петок, 7 септември 2018 година

Средба на претседателот Џафери со сенаторот во францускиот Сенат, Оливје Кадик

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Оливје Кадик, француски сенатор и претставник на француските државјани кои живеат во странство.

На почетокот од средбата, претседателот Џафери му посака добредојде на гостинот и  искажа задоволство што член на францускиот Сенат е во посета на Собранието на Република Македонија. Тој истакна дека политичките односи меѓу двете земји се неоптоварени и пријателски и истите се карактеризираат со континуиран и продлабочен политички дијалог.

Францускиот сенатор и претставник на француската дијаспора, Оливје Кадик, истакна дека му претставува особена чест што има можност да се сретне со претседателот на Собранието на Република Македонија во период кога земјата се наоѓа пред клучни одлуки, а особено по Самитот во Софија, каде изјавите на  францускиот претседател Макрон беа протолкувани дека содржат доза на претпазливост во однос на интеграцијата на Регионот во европското семејство. 

Во таа насока, сенаторот Кадик јасно и недвосмислено подвлече дека во Франција постои голема група на парламентарци кои сметаат дека постои итна потреба земјата и Регионот што поскоро да се приклучат кон европското семејство. Живеејќи повеќе од 22 години во Обединетото Кралство, многу добро знае што претставува референдум за трасирање на иднината на една држава и се надева дека граѓаните на Република Македонија ќе ја искажат својата волја во насока на развој на земјата и нејзино пристапување во Европската Унија и НАТО. 

Претседателот Џафери истакна дека најдобар пример за добрососедство меѓу две земји е француско-германската соработка, особено земајќи ги предвид историските пригоди од минатото. Добрите односи со соседите се клучни за развој на една земја, а обврска на секој политичар е интересот на граѓанинот и државата да се стави над партискиот интерес. 

На крајот од средбата, двајцата соговорници искажаа уверување дека ваков вид на средби придонесуваат во зајакнувањето на врските и соработката меѓу Собранието на Република Македонија и францускиот Сенат, како и продлабочување на соработката на двете држави, особено во доменот на економијата, туризмот, транспортот, науката, како и во рамките на претпристапните преговори со Европската Унија и во меѓународните организации. 

Click