Собраниско раководство

Вторник, 13 јуни 2017 година

Средба на претседателот Џафери со вршителот на должност амбасадор на Украина во Република Македонија, г. Ростислав Палагусинец 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со вршителот на должност амбасадор на Украина во Република Македонија, г. Ростислав Палагусинец.

Честитајќи го изборот за претседател на Собранието на Република Македонија, г. Ростислав Палагусинец му посака на г. Талат Џафери успех во извршувањето на оваа значајна функција, со оглед на тоа што парламентот има значајна улога во остварувањето на зацртаните реформи. Тој му врачи на претседателот честитка од  г. Андриј Парубин, претседател на Врховната Рада (парламентот) на Украина, како и три документи – обраќања од Врховната Рада до државите партнери на Украина.

В.д. амбасадорот се заблагодари за континуираната поддршка на Република Македонија на Украина, а особено на парламентарната поддршка во рамките на меѓународните собранија, во кои членуваат парламентите на двете земји. Тој, исто така, информираше дека на 20 март о.г. во Врховната Рада на Украина била формирана Пратеничка група за меѓупарламентарни односи со Република Македонија.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, се заблагодари за честитките и ја нагласи безрезервната поддршка на Украина, која ќе продолжи и во иднина. Во таа насока, тој информираше дека ќе упати покана за посета на Република Македонија до претседателот на Врховната Рада на Украина, со што ќе се даде дополнителна поддршка на меѓупарламентарната соработка. Нагласувајќи дека и во овој парламентарен состав ќе биде формирана Пратеничка група за соработка со Парламентот на Украина, претседателот Џафери истакна дека оваа група би била најсоодветна за иницирање на одговор на документите упатени од Врховната Рада на Украина. 

Претседателот Џафери информираше за наредните активности на Собранието на Република Македонија, истакнувајќи дека од сега натаму Собранието ќе биде отворено за граѓаните, кои ќе можат да ги следат седниците на Собранието. Присуството на граѓаните на собраниските седници, според г. Џафери, претставува вклученост на јавноста во законодавниот процес, како и нов импулс за смирување на тензиите.

На крајот од средбата соговорниците изразија надеж дека соработката меѓу Македонија и Украина на парламентарно ниво ќе продолжи да се продлабочува, како на билатерален, така и на мултилатерален план.  

Click