Собраниско раководство

Вторник, 18 декември 2018 година

Средба на претседателот Џафери со заменикот државен секретар на Соединетите Американски Држави, г. Џон Ј. Саливан

Денес, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери оствари средба со г. Џон Ј. Саливан, заменик државен секретар на САД.

На средбата, претседателот Џафери изрази благодарност до САД како стратешки партнер на нашата земја, за континуираната поддршка што ја дава не само на Република Македонија туку и на целиот регион. Тој го запозна високиот гостин со тековните активности во законодавниот дом во однос на усвојувањето на предлог уставните амандмани, како фаза од имплементирањето на Преспанскиот договор, со очекување дека процесот ќе се заокружи до крајот на првата половина на месец јануари 2019 година. Понатаму, Џафери зборуваше за чекорите што ги презеде Владата на Република Македонија за подобрување на добрососедските односи, потврдувајќи дека Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Република Бугарија веќе дава позитивни резултати.

Во продолжение, претседателот Џафери истакна дека Собранието е активно вклучено во донесувањето на реформскиот пакет закони во областа на судството, безбедноста и јавната администрација, за кои веќе има хармонизирани ставови меѓу мнозинството и опозицијата и за кои се очекува после расправата во Собранието на Република Македонија, во текот на месец февруари идната година,  да влезат во сила.

Заменик државниот секретар Саливан, истакна дека му е мило што е во посета на Република Македонија во овој историски момент за земјата, кога е во завршна фаза имплементирањето на Преспанскиот договор и нагласи дека целта на неговата посета токму во овој историски момент за земјата, е да ја пренесе поддршката на САД за овој Договор и да потврди колкаво е значењето на напорите што Република Македонија ги прави денес на овој план.

На прашањето на Саливан во однос на разгледувањето на можностите за зголемување на поддршката за уставните измени, претседателот на Собранието рече дека во рамките на законодавниот дом на Република Македонија се водат разговори за зголемување на поддршката од поголем број на пратеници за уставните измени. Тој изрази надеж дека што поголем број пратеници, без разлика на нивната партиска припадност, ќе го подржат договорот, имајќи го предвид историскиот момент пред кој се наоѓа државата и позитивните ефекти од членството во НАТО,на политички, безбедносен но и економски план. 

Click