Собраниско раководство

Четврток, 28 септември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Дебатата за „Политичкото учество на лицата со попреченост“

Дами и господа,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје,
Почитувани претставници на невладиниот сектор,

На шести септември, овде, во Собранието на Република Македонија, беше формирана Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост. Тоа е група која не е класично парламентарно тело, како што се на пример комисиите, туку пред сè, е парламентарна лоби група која и по името јасно индицира дека ја надминува партиската припадност на членовите, но и онаа класична политичка поделеност која ја има во секој парламент, а тоа е парламентарно мнозинство, односно власт и опозиција. И, тоа што мене како претседател на Собранието ме радува, е фактот што моите колеги пратеници, членови на оваа Интерпартиска лоби група,  заедно со нашите пријатели од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и невладината организација Полио Плус, за дваесетина дена ја организираат оваа дебата.

Темата на денешната дебата е „Политичкото учество на лицата со попреченост“, што е едно од темелните прашања кога зборуваме за целосна општествена интеграција на овие граѓани. Во исто време, вака избраната тема некако се вклопува и во актуелниот политички момент во државата, а тоа се претстојните локални избори и предизборната кампања која започна неделава. Имено, политичкото учество на лицата со попреченост не е ништо друго освен дел од општите човекови права и слободи. Притоа, не мислам само на правото да избереш и да бидеш избран, туку многу пошироко. Односно, активно учество на овие наши сограѓани во креирањето и реализирањето на најразличните политики. Од оние кои директно го засегнуваат животот на лицата со попреченост, па сè до оние кои се од најширок општествен интерес. Да не заборавиме дека сево ова, за нас кои сме во политиката, претставува должност која се темели врз Уставот, законите, и редица меѓународни документи донесени во рамките на Обединетите нации, во Советот на Европа, Европскиот парламент и така натаму. Меѓутоа, тоа што според мене е најважно и не смееме никогаш да го заборавиме кога зборуваме за заштита и целосна интеграција на овие наши сограѓани, е дека тоа претставува наша морална и цивилизациска обврска. Да не заборавиме дека, маргинализацијата на овие луѓе многу често се темели врз стереотипи и предрасуди. Сепак, за ова повеќе ќе треба да говорат социјалните психолози и експерти од другите научни дисциплини.

Почитувани пријатели,

Ако го погледаме нормативното уредување во Република Македонија кога станува збор за заштита на лицата со попреченост, мислам дека истото е добро уредено. Ако добро се сеќавам, во јули 2003 година, Собранието донесе Декларација за заштита и унапредување на правата на лицата со посебни потреби. Како држава, имаме усвоено „Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со попреченост во Република Македонија“. И сега доаѓаме до, ако може така да се нарече, хендикепот на секоја млада демократија, а тоа е имплементацијата на тоа што сме се договориле и што сме го усвоиле. Како да го надминеме тоа? Иако сме млада демократија, сепак знаеме дека токму преку Парламентот и неговите основни функции, а тоа се претставничката, законодавната и надзорната функција, можеме да ги идентификуваме отворените прашања, недостатоци или проблеми и веднаш, користејќи ги сите механизми на современиот парламентаризам, тие проблеми да ги решаваме. И како што реков на самиот почеток, пред три недели се формираше Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, а денеска веќе ја имаме првата дебата со многу конкретна и значајна тема „Политичкото учество на лицата со попреченост“. Тоа покажува дека овој парламентарен состав многу сериозно продолжува да работи на создавањето услови за целосна интеграција на лицата со попреченост, лица кои во суштина ниту малку не се разликуваат од нас.

Почитувани присутни,

Генералното собрание на Обединетите нации, во 1992 година, го прогласи Трети Декември за Меѓународен дена на лицата со посебни потреби. Убеден сум дека и оваа година тој ден ќе биде одбележан со различни манифестации. А јас лично, а верувам и вие, ќе бидеме многу поисполнети ако со нашето работење дотогаш сме успеале да направиме некаква измена на закон со која ќе им се олесни секојдневието на лицата со попреченост. Сите ќе бидеме многу позадоволни ако преку нашето делување како Парламент и како Интерпартиска лоби група, заедно со невладиниот сектор, сме успеале да го иницираме во државните институции, како и во локалната самоуправа  процесот на вработување на луѓе кои го знаат знаковниот јазик на глувонемите лица и лицата со оштетен слух. Има многу полиња за делување, почнувајќи од образованието, културата, вработувањето, здравствените услуги, рехабилитацијата на овие лица и други. 

Во сите овие активности, делувања и креирање на соодветни политики, верувам дека сè повеќе и поактивно ќе бидат вклучени и лицата со попреченост, невладиниот сектор и секој граѓанин кој без предрасуди и стереотипи гледа на својот сосед и сограѓанин кој има посебни потреби. Односно, креирање и создавање на такви политики, кои ќе градат општество во кое попреченоста ќе биде целосно интегрирана и ќе се смета за еднаквост, а не за нејзина исклучивост и маргинализирање на лицата со попреченост.

Ви благодарам.

Click