Собраниско раководство

Понеделник, 11 декември 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на јавната расправа „70 години Универзална декларација на правата на човекот: осврт“

Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,
Почитуван министер,
Почитуван народен правобранител,
Почитувани претставници на невладиниот сектор,
Почитувани претставници на медиумите,

Пред две недели кога ја одбележавме акцијата против семејното насилство и воопшто активностите против родово насилство, своето излагање го започнав со цитирање на првиот и вториот член од Универзалната декларација за човекови права. 

Денеска сме тука за да го одбележиме 10 декември, ден кога во далечната 1948 година Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои оваа Декларација. Декларација која со својата широчина на вредности, според мене, е врвна цивилизациска придобивка во историјата на човештвото. Како таква, таа денес е вградена во правниот систем на речиси секоја држава, а во исто време е и еден од основните принципи во меѓународното право и меѓународните односи. 

Сепак, останува горчливиот факт дека во овие речиси седум децении, сведоци сме на безброј примери на кршење на човековите права, а она што загрижува е фактот дека понекогаш тоа се случува и систематски и од страна на државни или парадржавни институции. Верувам сите паметиме што се случуваше на просторот на некогашна Југославија, или она што се случува со Рохинџите во Мјанмар чии единствен грев е што се етничко и верско малцинство, па, затоа, како што неодамна изјави и високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, се изложени на геноцид. За жал, вакви примери има уште многу, само ќе ги споменам бегалците од Африка, Ирак, Сирија и така натаму. 

Затоа, денеска, на глобално ниво, започнува едногодишна кампања во пресрет на 70- годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човековите права. Кампања, која ќе треба прво на национално ниво, а во исто време и на глобално, да ги реафирмира вредностите и стандардите кога станува збор за остварување и почитување на човековите права и слободи, но и да направи анализа каде и зошто не се почитуваат човековите права.

Дами и господа,

Во Република Македонија, гледано од нормативен аспект, ги имаме многу добро вградено сите принципи и вредности кои ги содржи Универзалната декларацијата за човекови права. Прашањето е колку тие се почитуваат во практиката и дали во овој период на самостојност, кога станува збор за човековите права и слободи, се движиме во позитивна насока. Според извештаите на меѓународните организации; извештаите на Стејт департманот, потоа извештајот на Европската комисија и други, факт е дека Република Македонија, кога станува збор за почитување на човековите права и слободи, оди напред. Верувам дека многу од нас ќе речат дека е потребна поголема динамика, пред сè, во институциите со кои граѓаните се во секојдневна интеракција. Имено, да не заборавиме дека човековите права и слободи се динамична категорија која бара постојано следење, надградување и, секако, транспарентно реагирање, па ако сакате и санкционирање на оние кои ги кршат принципите и стандардите од оваа Декларација. Мислам дека тука Собранието, особено Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, можат многу да направат. Верувам дека денешната јавна расправа е само почеток на редица активности посветени на заштита и унапредување на човековите права и слободи во претстојната година. 

Понатаму, сакам да ја истакнам улогата на омбудсманот. Доколку редовно ги следите извештаите на народниот правобранител, забележливо е дека истите многу добро ги лоцираат сите прашања и проблеми кога станува збор за почитувањето или непочитувањето на човековите права од страна на институциите. 

Тука е незаменлива улогата на невладиниот сектор којшто досега безброј пати укажувал и реагирал за примери кога имало непочитување на човековите права и слободи. Секако, исто толку важна е и улогата на медиумите, коишто од една страна треба да истражуваат и информираат кога станува збор за непочитување и кршење на човековите права и слободи, а во исто време постојано да ги афирмираат принципите и стандардите од Универзалната декларација за човекови права.

Почитувани пријатели,

На крајот би сакал да укажам дека кога станува збор за почитување на човековите права и слободи, можеби најважен е процесот на социјализација заедно со образовниот процес. Ако почнеме од дома, од семејството да ги воспитуваме, не само најмладите, дека луѓето се сите исти, ако преку образовниот систем од градинка, па ако сакате и до универзитет, се вградат вредностите и стандардите кои се во Универзалната декларација за човековите права, убеден сум дека и кај нас, а и на глобално ниво, драстично ќе се намали кршењето на човековите права и слободи. 

Затоа, како претседател на Собранието и како граѓанин, во целост ќе ги поддржувам сите активности кои се во функција на поголемо почитување на човековите права и слободи, бидејќи, како што реков на почетокот, тоа е наша највисока цивилизациска вредност, која не прави вистински луѓе.

Ви благодарам. 

Click